Законот веќе важи за сите и ниту еден нема да биде амнестиран од одговорност за криминал и корупција, макар и да припаѓа на СДСМ, порача заменик на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во вечерашната емисија „Трилинг“, на телевизија 24. Вицепремиерот Николовски потенцираше дека нема селекција во борбата против корупцијата и криминалот и најважно е да се испорача правда.
„Граѓаните направија за разлика од порано, дека сите случаи и афери кои се појавуваат ние ги процесуираме. Да потсетам дека претходно се беше поклопено од власта, и судството, и медиумите, и бевме меѓународно изолирана држава. Сега сме отворени, институциите започнаа да решаваат предмети, очекуваме завршница на сите предмети во кои има незаконити дејствија. За кој било случај и предмет очекуваме завршница, институциите да ја испорачаат правдата и така да ја вратиме довербата во нив. Затоа велам дека нема селективност, не знам за селективност. Веќе збориме дека законот важи за сите и очекуваме брза испорака на правда. Ваквата поставеност на системот мора да даде резултати, да оствари успех “, изјави вицепремиерот Љупчо Николовски во емисијата „Трилинг“ на телевизија 24.
При тоа, Николовски посочи дека неговата улога е да ги координира извршните тела, конкретно органите, министерствата, институциите, сето она што е под извршната власт без тенденција да се меша во работата на судската власт.
Во однос на изборот на директори, вицепремиерот Николовски посочи дека дека веќе има активни огласи и се поставуваат стручни директори.
„Тие огласи се со дефинирани критериуми, услови, како и вештини на кандидатите, но задолжително мора да имаат и програма како ќе ја развиваат институцијата за која конкурираат. Ова сега се времени вршители на должноста, не се официјални директори. Таму каде што има огласи бараме кредибилност на кандидатите, ако сакаме да има напредок“, изјави вицепремиерот Николовски.
Во однос на нови вработувања во институции, Николовски посочи дека новата Влада има седум министри помалку, но дека онаму каде што мора да има вработувања, во оние институции кои треба кадровски да се јакнат, тоа ќе се спроведе.
„Инспекторатите мораме да ги јакнеме, немаме доволно кадар. Имаме само еден инспектор за спорт, а имаме толку клубови. Јавното обвинителство има еден ИТ инженер, а сакаме дигитализација на јавните обвинителства. Целата погрешна политика на вработувања мораме да ја поправиме ако сакаме резултати и враќање на довербата во институциите“, изјави вицпремиерот Николовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.