Вицепремиерот за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска во Берово изјави дека ќе дадат поддршка на секоја резолуција или декларација со која се штити македонскиот јазик и идентитет.
Станува јасно дека сите ние го штитиме и јазикот и идентитетот и сето она што е македонско. Не е воопшто прашање и нема воопшто потреба да се стави под прашање било каква резолуција. Ние ќе дадеме поддршка на резолуцијата. Веруваме дека сите постапки ќе завршат во Парламентот и со тоа потврдуваме дека ниту јазикот, ниту посебностите, ниту идентитетот некој ги ставил на маса или преговарал во целиот овој период – изјави Николовски, одговарајќи на новинарски прашања.
Рече дека земјава како никогаш досега немала така висок меѓународен углед, кредибилитет и поддршка и е пример за тоа како се решаваат проблемите.
Големи светски државници пред неколку дена во Охрид пратија порака и констатираа дека нашата земја ги има исполнето сите услови за сето она што треба да го направиме и дека Европската Унија треба да го реши проблемот внатрешно за овие кочници кои ги имаме. Меѓутоа, во ниту еден случај тоа нема да биде во однос на прашањето на јазикот и идентитетот и на сето она кое е македонско и кое е потврдено – истакна Николовски кој присуствуваше на повеќе настани во Берово.
Посочи дека државата со заштитен идентитет и јазик станала членка на НАТО.
Оваа генерација после три децении зборување и ветување за евроатлантските интеграции, го направи вистинскиот чекор, со зачуван идентитет, зачуван јазик, со зачувано се што е македонско. Ние сме денеска во НАТО. Нашето знаме се вее во Брисел, нашиот премиер седеше со сите премиери и претседатели на една маса каде и ние имаме глас. Членството во НАТО значи подобра економија, повеќе пари, подобра инфраструктура, повисоки плати, подобар живот за граѓаните – рече Николовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.