Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на гостување во вестите на телевизија Канал 5 изјави дека настанот на кој присуствува ВМРО-ДПМНЕ, како и Алијанса на Албанците и Алтернатива е потврда на интензивната соработка со овие две партии.
Ова е прва јавна потврда на она што го имаме, а тоа е интензивна соработка со Африм Гаши од Алтернатива и Зијадин Села од Алијанса на Албанците. Ова се идеолошки слични партии со нас. Ние сме конзервативни десни центар партии, а она што ми е драго е што овој настан е во организација на Конрад Аденауер. Оваа соработка е спонзорирана од најголемата германска фондација Конрад Аденауер, а обраќање денес има и и потпретседателот на Европската народна партија – изјави Николоски.
Николоски рече дека е многу важно што соработката е на идеолошка основа, за која се надева дека ќе води кон покрупна соработка, затоа што идејата им е да се борат против корупцијата, а шефови на корупцијата се Заев и Ахмети и затоа сакаат заедно да ја победат корупцијата којашто тие ја предводат.
Прашан за ставот на Бугарија да го блокира стартот на преговорите на Македонија со ЕУ, Николоски изјави дека е разочаран и огорчен, но дека сепак надежта последна умира, иако ја нема многу.
Заев ги стави Македонија и Македонците пред свршен чин, или Македонците да се одродат или Македонија да не преговара со ЕУ што значи да не напредува. Тој избор кој го постави Заев е резултат на неговите сервилни политики. Или тоа не е избор, а тоа е така затоа што Заев ветил дека ќе испорача се што барале Бугарите и сега ѓаволот доаѓа по своето. Затоа нашето барање е владата да си поднесе оставка и да се оди на избори кога ќе има услови, а во меѓувреме да се формира влада на национален спас. Новата владата пак по изборите со политичарите кои се денес тука ќе ја извадат Македонија од бездната во која се наоѓа и во која ја доведе Заев – изјави Николски.
Во однос на предвремените избори за градоначалници на Пласница и Штип, Николски рече дека утре ќе има состанок на највисоките партиски тела и ќе има одлука.
Ние рековме дека за изборите мора да се создадат услови да се оди на избори, а не кога има ваква епидемиолошка катастрофа. Апелирам до власта заеднички да се договориме за термин кога здравствените услови ќе го дозволат тоа – рече Николоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.