ВМРО-ДПМНЕ работеше со четирите држави од Вишеград 4 за да спречат условот историја да влезе во заклучоците на Европската унија – ексклузивно изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Во ова гостување Николоски го коментираше ветото од страна на Чешка и Словачка за заклучоците за проширувањето во Европската Унија, при што истакна дека реакцијата на овие две држави и нивното несогласување за условувањето за делот за историјата, јазикот и сопствената интерпетација на историјата да бидат услов за членство во Европската Унија е координирана.

Тој нагласи дека во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ активно ги информирале своите пријатели што и се случува на Македонија. Николоски додаде дека сега сме во ситуација каде што Чешка и Словачка се поголеми македонски патриоти од Зоран Заев.

Постои една група во ЕУ која се вика Вишеград 4, во којашто учествуваат Чешка, Унгарија, Словачка и Полска. Во четирите Влади ние имаме големи пријатели, од тие влади, три припаѓаат на Европската народна партија (ЕПП), а четвртата припаѓа на европските конзервативци, коишто се подесно од Европската народна партија – изјави Николоски

Тој додаде и дека има други работи кои се сплет на околности, а јавноста не е информирана, како тоа што токму министерот за надворешни работи на Македонија, истиот ден кога Чешка и Словачка ги блокираа заклучоците на ЕУ, бил примен во Унгарија од страна на унгарскиот министер за надворешни работи, Петар Сијарто, а групата Вишеград 4 секогаш ги координира своите настапи.

Николски истакна дека последен пат ваква координација имало кога се усвојувал Буџетот на Европската Унија.

Оваа група Вишеград 4 е голем поддржувач на проширувањето на ЕУ, но исто така е голем поддржувач на Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ таму има големи пријатели, почнувајќи со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, преку премиерот на Полска, Моравјецки, продолжувајќи со премиерите на Чешка и Словачка – кажа Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.