Александар Николски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ во новата колумна на „Независен“ пишува дека на врвот на ледената санта наречена корупција и рекет во Македонија е лично „капо ди тути капи“ – Зоран Заев.

Тоа беше во екот на избивање на аферата со рекет на многубројни бизнисмени во Македонија. Две недели подоцна, работите се јасни и за жал, онакви какви што ги предвидовме – не бил рекетиран еден туку многу бизнисмени во износи што може да надминат, на пример, изградба на еден магистрален пат помеѓу Прилеп и Охрид, или меѓу Штип и Струмица, или меѓу Тетово и Дебар. И исто така дека одговараат само ситните риби, а се прави сè крупните риби да се заштитат. Нема граѓанин на Македонија кој верува дека така моќни бизнисмени со многубројни бизниси кои опстојуваат со децении и големо богатство, како и голем број вработени ќе се согласат да дадат тешки милиони евра на сега двајцата првосомничени, ако зад нив не стои не само специјалниот јавен обвинител туку и лично најмоќниот човек во државата – премиерот! Обидот целата одговорност да се префрли на овие двајца е манипулација на системот и ме потсетува на една слична афера која се случи исто така во време на СДСМ – аферата „ТАТ“ кога десетици илјади македонски граѓани беа искрадени во таа пирамидална штедилница. И тогаш одговараше само сопственикот на „ТАТ“, а кратко под истрага беше тогашниот градоначалник на Битола (сегашен бизнисмен исто така рекетиран). И тогаш одговараа само ситните риби!

Иако на цела јавност ѝ беше познато дека сопственичката на штедилницата „ТАТ“ само една година претходно беше прогласена за менаџер на годината лично од претседателот Киро Глигоров, мотив да ги доверат своите тешко заштедени пари баш на таа штедилница, како и тоа дека зад штедилницата стои целиот врв на СДСМ, тогаш на чело со Бранко Црвенковски. Тогаш се обелодени дека многубројни министри добивале високи камати за своите штедни влогови или поволни кредити кои не ги враќале, а никој не одговараше! Сè се сведе на сопственичката на штедилницата, а како резултат на таа афера, на десетици илјади граѓани им се уништија животите, а дел од нив во очај и си го одзедоа животот. Тогаш Бранко Црвенковски, слично како Зоран Заев денес, одржа еден познат говор во Собранието во кој кажа дека во Македонија владее криминален октопод на кој тој ќе му ги отсече пипалата. Слично како Заев сега, кој вели дека има криминал и дека тој ќе се справи со него. Бранко не се справи со октоподот затоа што лично тој беше главата на тој октопод, исто како што сега Заев е „капо ди тути капи“ на оваа рекетарска мрежа и секако дека нема да се справи со неа, затоа што тој е на нејзиниот врв! СДСМ тогаш плати политичка цена и ги изгуби изборите во 1998 година, при што дојде до првата демократска промена на власт од падот на комунизмот, но за жал, таа влада на Љубчо Георгиевски не реши до крај да се позанимава со криминалот на „ТАТ“ и да побара кривична одговорност од Бранко Црвенковски и неговите министри. Постоеја многубројни шпекулации зашто тоа беше така, но факт е дека правдата не стигна, исто така како што е факт дека таа влада направи многу штедачите на „ТАТ“ барем делумно да се обесштетат. Ја правам оваа аналогија со „ТАТ“ затоа што аферата „Pекет“ го има истиот потенцијал како „ТАТ“, само во друга форма. Доколку „Рекет“ не се расчисти до крај и не одговараат сите вмешани, ќе стане правило кое со децении нанапред ќе ја јаде Македонија, државата ќе тоне во корупција и криминал, а граѓаните ќе се иселуваат и ќе ја напуштаат. Меѓу другото, затоа се потребни предвремени избори! За нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободи институциите, да го тргне притисокот кој сега го има Републичкото обвинителство и да им дозволи непречено без политичко мешање да ја истражат работата до крај. Таму има способни и чесни луѓе во кои веруваме, луѓе кои се патриоти, кои не сакаат Македонија да тоне во корупција и кои сигурно ќе го расчистат овој свој криминал до самиот врв! На Македонија не смее да ѝ се случи нов „ТАТ“ кој ќе остане неказнет, во кој ќе настрадаат ситните риби, а крупните ќе се спасат.

Целата колумна прочитајте ја тука.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.