Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во изјава од Битола, во врска со злоупотребувањата на полициски службеници во изборите, истакна дека тоа не е само случај во Прилеп, туку истото се случува и во Битола. Николоски ги предупреди сите кои се вмешани во истото да се тргнат на страна затоа што за тие активности ќе има одговорност.

Николоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена изнесува информации на прес конференции главно во врска со однесувањето на припадници на МВР на територија на град Прилеп, односно за работата на МВР во Прилеп, но и дека такви активности се случуваат и во Битола.

Морам да кажам дека слични активности извршуваат и на територија на Битола, деновиве ќе излеземе со сознанија. Сакам и да ги предупредам полициските службеници дека за тоа се одговара, поради тоа што станува збор за тешко кривично дело, а изборните нерегуларности само се казнуваат од три години затвор па нагоре. Ги повикувам оние кои по своја волја не биле вклучени да соработуваат со овие групи, да го кажат тоа во Обвинителството, пред органите и да посочат кој ги терал да се прави тоа, а сите останати да се тргнат затоа што одговорност ќе има – посочи Николоски.

Истовремено, Николоски порача дека Тони Коњановски ќе победи во Битола без оглед што и да прави партиската полиција на Зоран Заев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.