Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, денеска е во Прилеп на средба со раководството и со Општинскиот комитет на партијата, а најави и средба со здравствените работници.
Според Николовски ситуацијата со пандемијата во државава е исклучително тешка, а особено во Прилеп.
– Ситуацијата со корона-кризата во државава е исклучително лоша, а во Прилеп е една од налошите. Континуирано бројките се големи и на заболени и на оние кои, за жал ја губат битката. Здравствените власти речиси не прават ништо за да се подобри оваа ситуација. Од една страна, сакам да му честитам на медицинскиот персонал кој прави натчиовечки напори, а од друга страна, мора да се признае дека е направено малку, или ништо, за да им се помогне на луѓето, рече Николовски.
Според него државава е црна дупка во Европа со процесот на вакцинација.
Нема вакцини, не само за Прилеп, туку и за целата држава. Mакедонија станува „црна дупка“ во процесот на вакцинација, не само за Регионот, туку и во Европа. Но, нема ниту соодветна терапија, луѓето не може навремено да направат крвна слика со сите податоци, тешко закажуваат рентген, само мора да ги купуваат лекарствата, витамините, анти-оксидансите кои треба да ги користат. Имаме исклучително тешка ситуација за која ќе зборуваме и со здравствените работници во Прилеп, рече Николовски.
Како што изјави потпретеседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е во здравствена и економска катастрофа. Што се однесува до тутунопроизводството, Николовски рече дека пратеничката група од неговата партија, од понеделник ќе поднесе закон во Собранието, кој, според него, беше одбиен од парламентарното мнозинство со кој предлагаа да се забрани увоз на тутун во земјава, додека не се откупи домашниот.
Зашто, проблемот со тутунот е дозволата да се увезува од странство. Тој закон беше одбиен и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ повторно, од понеделник, ќе го поднесе Законот со кој предвидуваме да се забрани увоз на тутун додека не се откупи домашниот, рече Николовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.