Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ при неговата денешна посета во Ѓорче Петров рече дека Зоран Заев треба да излезе пред македонската јавност и да каже за што точно преговараат со Бугарија затоа што сознанијата на ВМРО-ДПМНЕ се дека власта се подготвува да изврши национално предавство.

Мислам дека е чесно Зоран Заев да излезе пред македонската јавност и да каже за што точно преговараат со Бугарија, до денеска немаме никаков кредибилен одговор од негова страна за што преговараат. Гледаме дека во Македонија доаѓаат разни европски политичари  кои што нудат одредени решенија, но за тоа Зоран Заев не ја запознава јавноста. Исто така се потврди дека Владо Бучковски  е во тајни преговори во Софија за кој што нема никакви информација во јавноста. Нашите сознанија е дека се подготвуваат да извршат национално предавство и наша работа како опозиција, а и како најголема национална партија во  Македонија, пред се партија на македонскиот народ и на сите останати кои што живеат во Македонија, партија на македонско национално единство е да ги изнесеме овие информации во јавноста, со цел да ја алармираме јавноста и да ја повикаме јавноста да спречат национално предавство. Така што контрапродуктивно е однесувањето на Зоран Заев кој што води тајни преговори, а не е контрапродуктивно однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ кое што бара одговори на овие прашања, рече Николоски.

Николоски исто така посочи дека основните причини поради кои Македонија не може да отпочне преговори за членство во ЕУ се високиот степен на криминал и корупција, немањето реформи во јавната администрација и економското уназадување.

Еве да најавам дека во понеделник ќе се случи седница на Националниот  совет за евроинтеграции на кои што основна точка ќе е токму состојбата со европските интеграции и овие тајни преговори, а она што исто така сакам да го искоментирам е дека основната причина зошто Македонија е во ваква состојба да не може ни датум за преговори да почне, камоли да стане земја членка на ЕУ е високиот степен на криминал и корупција , немањето реформи во јавната администрација и економското уназадување. Тоа се трите причини зошто ЕУ не дава датум за преговори од причина што доколку беа убедени од страна на ЕУ дека беа убедени дека Македонија заслужува да почне преговори, верувајте дека ќе извршеа посебен притисок врз Бугарија затоа што треба да знае целокупната јавност дека не е одлуката за почеток на преговори единствена одлука која што се носи со консензус, бројни одлуки во рамки на ЕУ се носат со консензус во текот на годината, дел од нив секако се во корист и на Бугарија и доколку сите останати земји членки се убедени дека во Македонија нема криминал и корупција, дека има реформи и дека економијата напредува ќе извршеа силен притисок врз Бугарија да не става вето, но имајќи предвид дека не го прават тоа всушност јасно покажуваат  на јавноста дека криминалот и корупцијата, немањето реформи и економското уназадување се основната  причина  зошто Македонија не почнува преговори, додаде Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.