Прилеп ќе победи, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој испрати поддршка за градот во кој од ден на ден расте бројот на заболени од коронавирусот.

Прилеп се соочува со голем предизвик – да се заштити здравјето на оние кои се заболени од вирусот и да се спречи понатамошното ширење. Посакувам брзо оздравување на сите! Изразувам сочуство на семејството на починатиот. Посакувам што помалку лоши вести да доаѓаат од Прилеп, пишува Николоски на својот фејсбук-профил.

Додава дека за ова да се случи потребно е итно да се направи масовен скрининг/тестирање на поширока бројка на луѓе кои индиректно би можеле да бидат под опасност.

Тестови мора да се набават и да се направи ова тестирање за да се откријат сите жаришта. Исто така повикувам што побрзо да стигаат резултатите на веќе тестираните. Информациите од Прилеп се дека луѓето чекаат по 5-7 дена за резлутат! Тоа е недозволиво долго време! Драгоцено изгубено време, зашто доколку навреме се детектира вирусот и веднаш се почне со терапија многу поголеми се шансите.
Да се дозволи поголема слобода во однос на проценката на матичниот лекар за креирање на упати преку системот мој термин, да се направи скрининг на здравствениот персонал. Тие се нашите херои и се на првата борбена линија. Нив им е потребен соодветен заштитен материјал и опреми кои Министерството за здравство мора да ги обезбеди, пишува тој.

Исто така, додава Николоски, потребна е итна поддршка за стопанството – од најмалиот дуќан во прилепската чаршија до најголемата фабрика.

На сите им треба поддршка! Особено се погодени дуќанџиите, малите семејни бизниси, занетчиите и сите кои живеат од својот труд. Потребен е посебен сет мерки и субвенции за нив. Затоа што стопанството мора да преживее за да може после кризата да се опорави и луѓето да ги задржат своите работни места. Сите капацитети што стојат на располагање мора да се искористат! Мора да му се помогне на Прилеп како и на цела Македонија. Нема место за политика, сега е време да се спасуваат животи! Поддршка за Прилеп и прилепчани! Заедно ќе го поминеме и овој предизвик!, порача Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.