Во Вестите на Канал 5 телевизија денеска гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој во врска со договорот со Бугарија кој Заев и Димитров го потпишале, истакна дека лажни се тезите на власта дека договорот со Бугарија ја обврзува да и помогне на Македонија да стане членка на Европската унија, како и дека Димитров е главниот архитект за неуспехот на евроинтеграцијата на Македонија.

Вчера македонската јавност имаше прилика да види зошто македонската интеграција доживува целосно фијаско, практично направивме еден јасен пресек зашто Македонија четири години со Димитров и со Заев не почнува преговори со Европската унија, зошто четири години тој фамозен датум за почеток на преговори никој не може да го види и не знае кој е тој датум затоа што едноставно го нема, и уште не е извесно дали воопшто Македонија ќе почне преговори – истакна Николоски.

Тој објасни дека основна причина зошто Македонија не почнува преговори е немањето на реформи, како и суштинска борба со организираниот криминал и корупција, како и сервисниот однос кон Бугарија, кој сега е предмет на разни условувања.

Вчера не добивме никаков одговор во однос на можеби клучната работа во договорот со Бугарија, имено тезата на Димитров и Заев е дека со договорот со Бугарија, таа се обврзала да и помогне на Македонија да стане член на Европската унија, а тоа не е точно затоа што во Членот 2 од договорот се вели дека бугарската страна ќе ги сподели своите искуства во процесот на евроинтеграции, повторувам ќе ги сподели своите искуства, што е многу различно од поддршка за членство – рече Николоски.

Николоски вели дека ова јасно покажува дека во тој договор кој го потпишале со Бугарија нема никаква обврска, како и дека нема никаков гарантен механизам што доколку Бугарија е го почитува договорот, како што сега се случува.

Затоа сметаме дека Димитров е главен архитект на овој неуспех кон Европската унија – посочи Николоски во вестите на Канал 5 телевизија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.