Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, локалните избори се и за проекти и за похумано место на живеење, но пред се рече дека се референдум за тоа каде Македонија ќе се движи во следниот период.

Ден после завршувањето на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ планира да преговара за формирање на ново владино мнозинство во Собранието и затоа славењето ќе биде пократко, затоа што ќе ни треба концентрација и енергија уште утредента да ја срушиме оваа Влада, затоа што секој ден плус е плус уништување на Македонија, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на митингот на коалицијата преводена од оваа партија во скопската општина Центар.


Според него после овие избори на 17 октомври и на 31 октомври ќе се случи една работа која што обично не се случува после избори.

Обично после избори тие што ќе победат слават, утредента се мамурни, а овие другите плачат, па утредента ги боли глава. Ние планираме ден после 17, ден после 31, да преговараме за нова влада во рамки на Собранието на Република Македонија“, изјави Николоски.


Тој нагласи дека прашањето коешто треба да се одговори на претстојните локални избори е дали ќе се случат промени.

„На овие избори сите вие одлучувате дали ќе продолжи државата да функционира на ваков измамнички начин, да бидеме сведоци на уште поголема корупција, хаос, немање одговорност, немање правда, не решавање на социјалните и економските проблеми, стагнација на државата, експерименти во образованието, уништување на иднината на младите“,рече Николоски.


Според него, локалните избори се и за проекти и за похумано место на живеење, но пред се „се референдум каде Македонија ќе се движи во следниот период“.

„Овие избори се референдум дали Македонија ќе престане да се уништува национално и економски или во Македонија ќе продолжи економијата да тоне, корупцијата да цвета, а Македонија економски и национално да пропаѓа. Тоа е прашањето на кое што ќе се одговори и на 17 и на 31 октомври“, додаде Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.