На екс-министерот за надворешни работи и актуелен вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров, му требаше една година за да научи нешто за Гоце Делчев и, пред се, „да стане историчар“. Ако претходно не знаеше што и како, бил, сега веќе знае. Но, тоа што е најчудно, е што сега дури дава и насоки како сите останати треба да гледаат на великанот на македонското револуционерно движење.
Минатата година, кога бугарското Народно собрание со речиси севернокорејско парламентарно мнозинство ја донесе Резолуцијата со која ги утврди националните интереси и црвените линии за отпочнувањето на преговорите на Македеонија за членство во Евртопската Унија, Димитров како тогашен министер за надворешни работи настапи чисто дипломатски.
Тој во гостување во емисијата Топ тема на Телма телевизија, одговарајќи на прашање поврзано со изјавите од бугарска страна дека Делчев бил Бугарин, меѓу другото истакна дека ваквите прашања се многу деликатни и дека мора да се решаваат со мудар пристап.
-Јас не сум историчар, а тука станува збор за еден од нашите најголеми херои, длабоко втемелен во нашата државност, кој дејствувал и кога не сме имале своја држава. Идентитетско-културните прашања треба да бидат предмет на историчари и антрополози, кои ќе ги имаат предвид двете перспективи.
За една година Димитров еволуирал и станал историчар. Во неговиот последен настап во емисијата 360 степени, замислете, говорејќи за Гоце Делчев изјави дека малку сме требале да мислиме и на суштината. Па, онака сентиментално и со доза на емоции забележа дека ако сега од некоја страна не гледал Гоце, целата дискусија македонско-бугарска дискусија околу него немало да го прави многу среќен. Зошто?
-Бидејќи тоа е херој што животот го посветил и го дал за оваа кауза, којшто е многу важен и за нив и за нас, којшто меѓу другото, во однос на тоа како ја креирал политиката во револуционерното движење, него треба да го гледаме низ неговите писма и други изјаснувања, таму веќе се чувствува една тенденција дека ова е наша битка. Тој го чува тоа дело и битката од влијанијата од страна и тоа се чувствува. Што ние ќе правиме сега што ќе влијае врз иднината ќе покаже како кон нас ќе гледа историјата, изјави Димитров.
Димитров е апсолутно во право кога вели дека тоа што сега се прави ќе влијае врз иднината и како историјата ќе гледа врз актуелните политичари.
Меѓутоа, тој остана анемичен во однос Делчев како црвена линија на македонското достоинство, имајќи ја предвид агресивноста на бугарските ставови. И тука, дури, направи чекор назад. Зашто, останувајќи покус за директен одговор тој ја симна македонската црвена линија на постоење на македонскиот народ, кој зборува македонски јазик! На чисто идентитетски прашања!
А, таквиот негов став оди директно на бугарска воденица. Зашто, ставајќи ја црвената линија само на постоење македонски народ, кој зборува македонски јазик, границата на постоење на Македонците ја симнува на 1944 година! А, со тоа го доведува во прашање и окупаторскиот статус на бугарската војска за време на Втората светска војна. Зашто, според меѓународното право, не се окупираат народи, туку територии.
За жал, Димитров оди и чекор натаму, па си зема за слобода не само на извесен начин да го трасира патот по кој треба да работат македонските историчари во заедничката македонско-бугарска комисија, туку и на сите ни кажува како треба да го гледаме, читаме, сметаме Гоце Делчев и останатите херои од тоа време.
–За хероите од минатото којшто се значајни и за Бугарија, мислам дека ние ќе растеме и ќе бидеме со поголема самодоверба како народ ако можеме секој од нас, од ученик, па студент, па граѓанин, да може и сите оригинални текстови напишани од Гоце Делчев да ги прочитаме со отворени очи. Мислам дека тоа нас ќе не направи и посилни и позрели. И во таа смисла многу пароли за ова не помагаат. Истовремено, тоа е човек којшто, интересно, географски е роден на територија на денешна Грција. Мислам дека треба малку освен дискусијата што бил Делчев, а за тоа треба да гледаме низ тоа што самиот кажувал… бидејќи самоопределувањето е важно не само за живата генерација, туку и за хероите од минатото… малку да видиме какво му е делото. Тој повикал кон сите, без разлика на етничка припадност, се борел против лошиот статус, се борел за права и револуционерното движење сметал дека треба одлуките да се носат во тогашната Македонија. Значи, не сакал многу мешања од страна, вклучувајќи ја и Софија, има такви тенденции во неговите писма. Мислам дека тука треба малку повеќе фокус, какво дело ни оставил и тоа што најчесто го споменуваме како цитат од него – светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите. И затоа мислам дека тој да е жив и да ја слуша денешнава дебата нема да му се верува на кое дереџе сме во оваа дискусија, изјави Димитров.
Навистина, како до сега сите ние, почнувајќи од историчари, па до политичари и обични смртници сме ги читале и ги читаме оригиналните текстови напишани од Делчев? Со затворени очи?! Сигурно не и не случајно членовите на македонскиот дел од комисијата, барем засега, велат дека нема да потпишат дека Делчев бил Бугарин.
И за тоа што на мала врата Димитров се обидува да го протне, треба да се има храброст, што очегледно тој ја нема. А, што ни вели Димитров? Димитров ни вели:
-Мислам дека треба малку освен дискусијата што бил Делчев, а за тоа треба да гледаме низ тоа што самиот кажувал…бидејќи самоопределувањето е важно не само за живата генерација, туку и за хероите од минатото…малку да видиме какво му е делото.
Значи, Димитров, со други зборови, нема храброст отворено да ни каже дека, според него, Делчев бил Бугарин, зашто „самиот така кажувал“. Да, Делчев имал документи дека бил Бугарин, но Димитров не вели дека според местото на раѓање тие документи се должеле на милет системот и на припадноста на Бугарската егзархија, а не на Грчката или на Српската патријаршија. На истиот систем и на истите документи, што и ден денеска претставуваат основа за добивање на бугарски пасош, иако биле дел од Отоманската империја.
Димитров може да ги чита и препрочитува оригиналните документи за Гоце Делчев со отворени очи, ако до сега ги читал со затворени, но не може тоа да ни го продава на сите, особено не во делот на растењето и самодовербата. Зашто, ако тој не пораснал до сега и нема самодоверба, има други што тоа одамна го сториле. Се разбира, ако и тој не смета дека „најголемо зло за Македонците беше-што беа Бугари, а што Европа, преку Грција и Србија, не им дозволи да продолжат да бидат“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.