Ниту еден политичар, претседателот на држава Стево Пендаровски, министер, јавна личност или естраден уметник не излезе на вечерашниот протест за поддршка на лицата со попреченост. Лицата со попреченост излегоа да побараат достоинство, но нивниот глас остана нем во ова инертно и незаинтересирано општество. Оние кои можат да им дадат општествен звук на нивните барања, останаа во домовите, кафулињата, во својата зачмајаност.

Лицата со попреченост и родителите кои се грижат за деца со попреченост велат дека се чуствуваат оставени сами на себе. Велат свесноста во нашата држава одамна престана да постои. И имаат право.

На протестот кој започна пред Владата, а заврши пред Собранието, парадираа малкумина. Општествената стигма е онаа што ги држи овие лица подалеку од јавноста. Некои се плашат, некои се срамат, а трети едноставно не можат. Немаат помагала, немаат услови. Немаат средства да допатуваат до Скопје. Немаат кому да ги остават лицата за кои се грижат… Но, зарем на парадите парадираат само дискирминираните?! Каде се силните поддржувачи на дискриминираните, на угнетените?! Нивниот глас ќе се слушне подалеку ако викнеме сите. Но, не викнавме!

Не викнаа ниту претседателот Стево Пендаровски и првата дама Елизабета Георгиевска.

Јас не паметам дека некој претседател дошол на наш протест или министер и заедно да се гушнеме и да кажат планот е тој и да ги смениме работите, да поставиме систем за да фунцкионираме нормално. Поминуваме сега сите тука од Владата до Собранието и никој не ни се придружува. Луѓе не гледаат од кафулињата и никој не стана. Ме зачудува рамнодушноста на луѓето особено што еден ден секој може да биде како нас. Или како родители на деца со попреченост или, не дај боже, да доживеат несреќа и да станат лица со попреченост, рече денеска на протестот една од организаторите на протестот Ребека Јанковска – Ристевски, мајка на дете со попреченост.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за образование, која беше и министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, актуелната министерка за труд и социјллна политика Јагода Шахпаска изгледа никогаш не застанале пред Центарот за социјална работа да чекаат со часови да ги предадат или да ги подигнат потврдите за ортопедски помагала. Не вадат годишно потврда за инвалидитет на близок кој ги изгубил двете нозе. Не патувале со автобус со болното дете во друг град на преглед… Но ,не треба да имаме лице со попреченост дома, во соседството, меѓу пријателите за да сочувствуваме со овие лица. Немаме дома сите ниту членови на ЛГБТ заедницата, па цела Влада излезе под виножитото на нивната правда.

Фото: Фокус

Врз болните, изнемоштените и лицата со попреченост се уште надвиснал облакот. Виножито нема. Каде се сите овие политичари кои присустуваа на еден скорешен протест, на една парада и застанаа на исто место, на иста сцена.

Ќе излегуваме на протести затоа што многу работи не ни се допаѓаат. Јас ја поддржувам оваа група на секаков начин. Мора да ни ги дадат правата што ги бараме од кои повеќето се основни човекови права. Право да излеземе надвор, право да живееме. Небараме никакви луксузи. Има семејства, деца кои не можат да го живеат живеат, порача Јанковска-Ристевски.

Овој протест не беше шарен и богат. Немаше скапо озвучување, немаше пејачи, знамиња, шминка… На овој протест лицата со попреченост со своите грла ја испеаја единствено химната, со своите срца им заблагодарија на оние малкумина за поддршката, а со својата мака очекуваат достоинство и да излезат надвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.