Со тимот експерти работиме на нов, огромен пакет економски мерки за поддршка на стопанството, на фирмите, работниците и граѓаните, за санирање на економските последици од глобалната пандемија со коронавирусот, рече во вчерашното учество на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Но, ова негово интервју предзвика доста реакции во јавноста и очекувано отвори многу нејасни прашања. Најбитното од нив е – во кое својство Заев зборува и ветува?

Македонија има премиер, технички, но сепак го има, а неговото име не е Зоран Заев. Во моемнтот Заев е само претседател на политичка партија, која како една од двете најголеми има право и треба да сугерира и предлага мерки со кои ќе помогне во овие тешки моменти.

Но, Заев не е тој што треба да наредува посебно кога постои техничка влада и Главен координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот, бидејќи тој не е дел ни од двете тела.

Заев овие мерки може да ги вети само доколку СДСМ ги обезбедува.

Заев синоќа не запре само на економските мерки, туку во улога на гувернер најави и дека следува поместување на плаќањето на кредитите и одлагање на извршувањата од извршителите.

Априлската рата и фирмите и граѓаните погодени од кризата ќе можат да ја платат во јули месец и ако требало да ја платат во април имаат уште 12 рати кои што им завршуват во април 2021 година, почнувајќи сега со тој мораториум да плаќаат од јули 12 рата ќе им заврши во јули 2021 година. Тоа значи дека имаме буквално поместување за три месеци. Во овие три месеци и десет дена ќе се случи и стопирање на сите извршители, истакна Заев.

Креатор и спроведувач на монетарната политика е Народната банка, од која, не мора да потенцираме, Заев исто така не е дел. Тие досега немаат предвидено вакви мерки. Засега нема реакции ни од страна на банките, ниту пак иницијатива од нивна страна за реализација на ваквите ветувања.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.