Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК) дел од независните кандидати за градоначалници и советници веќе ги собрале потребните потписи.

Потписи за независни кандидати за градоначалници се собираат во Битола, Врапчиште, Македонска Каменица, Росоман, во Кичево каде што кандидатот Фатмир Лимани веќе собра 422 потписи, во Охрид каде што Сенат Усеиноски исто така собра 380 потписи од граѓани и постапката е завршена, во Прилеп каде што Жарко Стеваноски исто така собрал повеќе од доволно потписи, 386. За сите нив постапката е завршена – велат од Државна изборна комисија.

За Град Скопје за градоначалник, независна кандидатура има поднесено Ана Петровска за која досега се потпишале 1.096 граѓани. Во Скопје 1.112 потписи се собрани и за советничката листа предводена од Драгана Велковска.

Според информациите од ДИК, во некои општини завршило собирање на потписи и за листите за советници.

Собирањето потписи е завршено за листите за советници за Кавадарци предводени од Петар Камчевски и Ристо Сакалиев, за Кичево каде предводи Агим Садику, за Кочани каде ја предводи Аки Акиев, за Чешиново-Облешево, Франческо Наков – велат од ДИК.

Меѓу независните за советничка листа во општина Центар кои веќе ги собрале потписите и влегуваат во изборната трка се и „Шанса за Центар“, листата предводена од поранешната претседателка на општина Центар, Јана Белчева.

Во Прилеп завршено е собирањето потписи за кандидатската листа предводена од Дарко Конески.

Собирањето потписи за независни кандидати за градоначалници и советнички листи завршува заклучно 30. август.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.