Се повеќе независни кандидати влегуваат во трка за градоначалник на некој од градовите во земјава. Најголем дел од нив прозлегуваат од владејачката СДСМ или пак од некоја од партиите кои се во владеачката коалиција. Предизборието отвори многу карти, покажа многу партиски кавги и несогласувања. Јавноста со право прашува дали коалицијата на вчаста се распаѓа, дали расколот во СДСМ за кој се зборува, а партијата го негира, е сепак вистина. СДСМ сакајќи да ги остави на страна одреден број на актуелни гардоначалници кои што не размислуваат подеднакво како во централата во Скопје предизвика раскол во сопствените редови. Само вчера јавноста беше сведок на две официјално најавени кандидатури за независни градоначалници од страна на сега актуелни носители на локална власт, кои и припаѓаат на СДСМ. Тека влегуваат во трка како независни кандидати на локалните избори закаќани за 17 октомври јавно објавијапрвиот човек на Куманово, Максим Димитриевски и Зоран Ногачески, актуелниот „татко“ на Дебарца. Најавени се и независни листа на советници.

Димитриевски вчера ја достави неговата кандидатура до ДИК и започна со собирање на потписи. Тој не ја доби поддршка од СДСМ за уште еден мандат, а владејачката партија се уште калкулира со името за Куманово. Но очигледно на Димитриевски му е јасно дека не е фаворит. Покрај неговата кандидатура, тој излегува и со независна листа на советници, а носителка ќе биде жена.

Димитриевски во изјава за Сител Телевизија посочи дека е сигурен во поддршката од граѓаните.

-Ние сме соочени да се натпреваруваме со кој било останат кандидат од која било политичка партија или граѓанска опција, затоа што нудиме добри решенија за нашиот град, за нашите граѓани и повеќе од јасно е дека и анализите го потврдуваат тоа, потенцираше Димитриевски.

Тој нагласи дека се залага за застапување на граѓанскиот концепт и пристап.

-Впрочем така и ја извршувам оваа одговорна функција градоначалник како градоначалник на сите граѓани на општина Куманово, притоа не делејќи ги на политичка, верска или било каква етничка припадност, бидејќи сепак градоначалничката позиција е да се биде градоначалник на сите. Целата оваа иницијатива дојде токму од граѓаните и голем број на поддржувачи, членови и активисти и симпатизери коишто дојдоа и побараа од мене покрај внатрепартиската постапка да излезам со еден ваков концепт и да побарам граѓанска поддршка. Во секој момент сум отворен и верувам дека моето актуелно политичко раководство на партијата ќе изнајде начин и сили до последен момент да подржи една ваква кандидатура, рече Димитриевски.

Тој смета дека во ниту еден момент не го свртил грбот на социјалдемократската идеа, а најмалку на членовите на Социјалдемократскиот сојуз.

-Но, за жал исто така нема да дозволам и да бидам составен дел на одредени политички интриги на поединци во склопот на мојот политички субјект коишто извршуваат одговорни и политички функции. Затоа ја послушав иницијативата на граѓаните и денеска се одлучив на ваков потег. Се заблагодарувам на сите кумановчани коишто денеска дадоа масовна поддршка на една ваква иницијатива бидејќи сепак тие заслужуваат почит и признание“, истакна вчера Димитриевски.

Се чини потегот на Димитриевски не им се допадна на СДСМ. Тие веднаш излегоа со став за независната кандидатура:

„СДСМ ќе ја даде најдобрата понуда за граѓаните на Куманово на овие локални избори, а името на кандидатот и советничката листа ќе бидат објавени наскоро. Потегот на Димитриевски го олеснува изборот на граѓаните. Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци. За СДСМ, интересот на граѓаните на Куманово бил и секогаш ќе биде пред интересот на Максим Димитриевски или било кој друг личен интерес.“

Но колку и да сакаат да бегаат од она што им се случува во партијата, членовите на СДСМ со своите постапки го потврдуваат внатрешниот раскол.

Ногачески, актуелниот градоначалник на Општина Дебрца од редовите на СДСМ, покрај собирањето на потписи за неговата кандидатура започна и собирањето на потписи за независната листа за членови на советот на Општина Дебрца.

Зоран Ногачески од 2013-2017 година е претседател на општинската организација СДСМ Дебрца. На локалните избори одржани на 15 октомври 2017 година, Зоран Ногачески е избран за градоначалник на Општина Дебрца, освојувајќи мнозинство гласови во првиот изборен круг од локалните избори 2017.

Јана Белчева Андреевска, која околу 2,5 години претседаваше со Советот на Центар, пред да си даде оставка, на овие избори ќе се обиде да обезбеди нов советнички мандат како носителка на независна листа на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.На минатите локални избори во 2017 година, Белчева, како граѓанска активистка, беше носителка на советничката листа на СДСМ во Центар

Заедничкиот настап на локалните избори, за што е постигнат начелен договор меѓу Демократскиот сојуз, ДОМ и ЛДП претставува промоција на нова политичка сила, вели лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов. И во ДОМ се случуваат поделби. Разрешената директорка на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска ќе биде кандидат за градоначалник на Град Скопје. Таа ќе биде независен кандидат од „Зелен хуман град“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.