Се повторува ситуацијата во есенскиот период, водата во Тетово да добие невообичаен вкус и мирис за што и доцна вечерва се правени анализи во тетовскиот Центар за јавно здравје при што првичните параметри се во ред, но се вршат и дополнителни анализи.
Оваа појава првпат беше забележана во 2017 година кога Центарот за јавно здравје утврди дека непријатниот мирис и вкус доаѓа од вегетацијата, односно најмногу од лисјата од дрвјата што паѓаат во зафатот на водата кај месноста Лешница, од каде се зема вода за новиот водоснабдителен систем.
Тоа и го направија од комуналното претријатие и мислам дека до утре изутрина ќе биде подобра состојбата со вкусот и мирисот, изјави д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.
Тој потсетува дека веќе петта година се случува во периодот октомври-ноември да има ваква промена кај водата.
Досега непријатниот мирис и вкус доаѓаше од вегетацијата, односно најмногу од лисјата од дрвјата што паѓаат во зафатот на водата кај месноста Лешница. Притоа доаѓа до нивно распаѓање кое ги создава непријатниот вкус и мирис. Бактериолошки и хемиско-физички водата е исправна за пиење и сега, но повторувам се прават дополнителни анализи, изјави д-р Давидовски.
Центарот секојдневно прави контрола на квалитетот на водата во градскиот водовод. Оваа појава минатите години се надминуваше и со засилено хлорирање, а според досегашните искуства непријатниот мирис и вкус исчезнуваше за неколку дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.