На последното рочиште за “27-ми април“ сведочеше вештак, според кој доказите кои ги приложила обвинителката Вилма Рускоска пред судот не биле запечатени, односно заштитени од промени, па можно е да се направил фалсификат на истите.
Според многумина, ова можно фалсификување на докази е поврзано со четирите различни верзии на сведокот Александар Василевски – Нинџа кои нему му донесоа казна под минималната, а на 15 други луѓе поврзани со настаните од “27-ми април” над 200 години затвор.
Уште во 2018 година изјавите пред судот на тогаш обвинетиот Василевски – Нинџа беа сомнителни. Правниците укажуваа на многу “дупки“ во неговиот исказ. Според нив, особено има влијание и неговиот минат труд, за што сведочи неговото дебело полициско досие, но и начините на кои лесно поминувал во пресудите за делата за кои бил обвинет.
Разликите во она што Нинџа го зборува во секоја една прилика се драматични. На пример во еден исказ посочува едно лице дека го повикало на одредена локација, во друг исказ за истиот настан посочува сосема друго лице.
Во една верзија вели дека не слушнал што се зборувало на наводниот состанок во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, на друг исказ Нинџа вели дека детално слушал кој со кого зборува. Во една верзија посочува дека седел отишол „во базата“ во 17 часот, во друга во 18 часот.
Во една верзија некој е присутен на наводниот состанок, во друга верзија – не е. Ова се само мал дел од драстичните разлики кои Василевски-Нинџа ги има кажано во своите две изјави пред обвинителството и двете „сведочења“, еднаш во процесот во кој беше осуден „со поволности“, а еднаш во процесот за т.н. организатори.
Во јуни годинава на судско рочиште, адвокатот на Трајко Вељановски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски – Еленко Миланов изјави дека имал информации дека сведокот Александар Василевски – Нинџа кој барал да биде соработник на правда, откако му било одбиено тоа барање и бил внесен во постапка, потоа преговарал со претставници на правдата за добивање на поволности во текот на постапката.
Според адвокатот Миланов, ова е дозволено само во фаза пред донесување на обвинителниот акт, но не и кога ќе влезе предметот пред судски совет како независен арбитр. Според адвокатот Миланов, сведочењето на сведокот Александар Василевски – Нинџа е нерелевантно, особено по сведочењето на претходните сведоци Михаил Младенов и неговиот брат. Ова, дополнително е така, од аспект на фактот дека Нинџа има дебело кривично досие, рече Миланов.
На истото судење во јуни годинава и самиот Василевски-Нинџа како сведок повикан од Вилма Рускоска на рочиштето за т.н. организирање на настаните од 27-ми април, потврди дека исказ-сведочењето што го дал тој ден е различен од исказот кој го дал пред обвинителството на 01 март 2019-та година, две недели пред изрекување на пресудата од страна на Добрила Кацарска. Тој ден, тој изнесе „четврта верзија“ за настаните на 27-ми април, откако претходно во три наврати даваше различни верзии со кого се гледал, кој каде го повикувал и во кои временски интервали што правел, слушал и гледал.
Адвокатскиот тим на обвинетите преку вкрстени прашања на судењето покажаа пред судот дека Нинџа е сведок на кого не може да му се верува, не само поради лажното сведочење за да добие поволности, туку и поради неговото неговото јавно признание дека соработувал со обвинителството по неговото предавање во јуни 2018-та година, а најмногу поради четирите различни верзии на настаните на “27-ми април“ кои ги има кажано.
Сега се поставува прашањето, кој и зошто ги фалсификувал материјалните докази поврзани со четирите изјави на Нинџа. Како и доколку судската одлука за сторителите на “27-ми април“ се темели само на една или четири лажни изјави на еден “врбуван” сведок со дебело криминално досие, тогаш пресудата е неоснована и дали на осудените им се нанесе неправда тешка над 200 години.
Аналогно на сето ова, а особено по сведочењето на вештакот, срушени се темелите на кои почива и обвинението за организаторите на “27 април”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.