“Еднаш човек се раѓа, еднаш и умира, но мене ме принудија тоа да го сторам предвреме”. Ова е само една реченица од краткото писмо на писателот Јован Котески адресирано до неговата ќерка Јасна, што тој и го напишал кратко време по заминувањето на издржување на петгодишната затворска казна во “Идризово”, а е составен дел од неговото лично досие со број 5622. Досието на Котески е дел од едицијата “Црните страници на УДБА”, што неодамна ја објави Државниот архив на Република Македонија, и се наоѓа во првата книга од шестиот том насловен како “Уметноста на мета”.

Според документите, Јован Котески важи за една од последните политички жртви на комунистичкиот режим на СР Македонија. Осуден е на 23 ноември 1985 година заедно со групата, која во почетокот на 70-тите години од сега веќе минатиот век поставила експлозивни направи на неколку локации во Скопје, што значи за нешто што се случило пред цели 15 години. Со единствена “вина” само дека ги познава луѓето, со монтирани искази и подметнати новинарски текстови, но без никакви конкретни докази, аргументи и факти, Котески ќе заврши зад решетки како типичен пример за функционирањето на комунистичката тајна полиција и нејзината потреба од постојано репродуцирање внатрешни непријатели на државата, како основен предуслов за натамошно опстојување на режимот. Во неговото лично досие на дланка се гледаат постапките на луѓето-не луѓе, нивните лични фрустрации, зависта, злобата, болните суети, диригираните удбашки улоги и постапки и како уметници, интелектуалци, и како претставници на тајната полиција …А, зошто? Одговорот е едноставен. Зашто, само на тој начин можеле да ја градат сопствената среќа и кариера, наспроти личноста која еден Блаже Конески ќе ја прогласи за македонски Лорка, а во уметничките кругови многумина ќе го гледаат како наследник на Ацо Шопов и Славко Јаневски.
Под притисок, пред се, на меѓународната заедница и меѓународниот ПЕН центар, Јован Котески ќе биде помилуван по повод Денот на борецот, 4 Јули, во 1987 година. Но, да биде иронијата поголема, според документите, тајната полиција ќе вложи, за среќа безуспешни напори, тој да ја напушти затворската ќелија по завршувањето на тогашните Струшки вечери на поезијата, со цел, да не може на нив да се експонира.
Три проштални писма
Непосредно по заминувањето в затвор, во Службена белешка од 12.12.1985 година, со евидентен бр.04-209, пишува:”По изречената пресуда на извршителите на “Пластика”, нашата оперативна врска Васил Атанасов ни сигнализира дека ОО “Интимист” (кодното име на Котески во фазата на оперативна обработка н.з.) во депресивна состојба напишал три опроштајни писма за самоубиство, до неговиот брат Наум, ќерката Јасна и синот Васил. Писмата му беа одземени, преснимани, оригиналите доставени до Окружниот суд.
ОО “Интимист” уште истиот ден беше повикан на разговор кај управникот на Истражниот затвор Ацо Илиевски и заеднички обавивме разговор со смисол на неговите намери и напишаните опроштајни писма. На крајот од разговорот ОО “Интимист” вети дека повеќе нема да размислува на такви работи. ПРИЛОГ: 3 копии на писмото”.

Котески во писмото до ќерката пишува:
”Драга Јасне,
Ова проштално писмо знам дека многу ќе те погоди, но повеќе не ми се живее. Еден ден, кога ќе пораснеш, кога ќе размислиш, ќе ти стане можеби јасно зошто сум постапил вака. Се сум поднесувал, и радост и беда, но неправда не. Ти ја оставам во наследство поезијата, ако некогаш таа се печати, сите права ти припаѓааат тебе, бидејќи мојата поезија е чиста и искрена каква што си во овој миг и ти, самата. Еднаш човек се раѓа, еднаш и умира, но мене ме принудија тоа да го сторам предвреме. Да знаеш дека секогаш сум бил чесен и исправен, но што се може. Кога ќе удри часот на несреќата, останува само да ти пожелам се најубаво во животот. Чувај го мојот лик – татко Јонче”.
Во прошталното писмо до брат му, пак, вели:
“Брат Науме,
Овој срам што ми е нанесен без да имам вина, со закана до најмилите, јас не можам да го поднесам. Нека се срами нацијата што ме доведе до работ на самоуништувањето. Да ми простиш што вака се решив на грозен чекор, но човек си и брат си ми, па ќе ме разбереш. Се во животот правев за да биде убаво, не сум бил ни националист, сум бил воспитан во духот на хуманото, но некои сакаат да ме уништат, па јас во тоа ќе им помогнам. Погрижи се за Јасна, особено за Јасна, Васил е машко, па ќе се снајде во животот”.
И конечно, до синот ќе напише:
”Сине Василе,
Се што би те молел, тоа е во животот да не грешиш. Многу те сакав, но толкава ми била среќата. Беше неизмерно скромен и умен, па едино ако за нешто ми е жал, тоа е што нема повеќе да те видам. Тоа ми го наместија гнасни луѓе, а не можам мојата чест со ништо да ја повратам. Знам само едно, понекогаш и смртта е некакво решение. Ова во никој однос не сакам да те повреди, доста сторив во животот, сега е време да си одам од овој свет. Најпосле од честа поскапо нема, јас бев чесен, но другите ме земаа за жртва и се решив сам да си пресудам. Ако нешто сум сакал во животот, тоа си ми бил ти, драги сине, прости му на татко ти Јонче.РЅ: Погрижи се за Јасна и за мајка ти и потсети се дека си имал татко кој ете, така завршил, неразбран од никој… ”.
Да се одложи ослободувањето
Во извештај на соработникот “Лауфер” од 26 јуни 1987 година, значи по извршеното помилување на Јован Котески, мошне интересен е делот на оперативниот коментар. Во него, меѓу другото, стои:”Соработникот ”Лауфер“ од наша страна перманентно е насочен да ги следи иницијативите од ваков вид (за ослободување на Котески н.з.) на ПОО “Апотеоза”, ПОО “Советник”, ПОО “Критичар”, ПОО “Поет” и ПОО “Дентист”, кои уште од самото затворање на Јован Котески се експонираа со поддршка на разни иницијативи за негово ослободување, а посебно од иницијативата што потекна од Хрватскиот ПЕН клуб (информирано). Со оглед дека се непосредни учесници на СВП како во делот на организирањето на оваа манифестација, а посебно ПОО “Апотеоза” основано може да се очекува дека замислените иницијативи во врска со рехабилитацијата на културен план на Јован Котески од страна на истите може да бидат остварени. Сметам дека поради сето ова, како и други можни активности од споменатото на планот на користење на Јован Котески во остварувањето на нивните замисли да истиот се издигне на случај кој е репресиран и спаѓа во групата на писатели кои на одреден начин им е ускратена слободата на пишувањето и мислењето според нивното толкување, на мислење сме да на истиот се одложи рокот на ослободување, односно избегне можноста да истиот присуствува на овогодишните СВП…”.
Писание до Лазар Мојсов
Во личното досие постои и документ – Исказ од Јован Котески, на издржување казна во КПД Идризово, р.бр.6412/21, со датум од 9 јануари 1987 година, испратен до тогашниот потпретседател на Претседателството на СФРЈ, Лазар Мојсов. Писанието е на десет страни, но во него Котески со ниту еден збор не бара било каква интервенција.
Еве што, меѓу другото, му напишал Котески на Мојсов:
”…Природата на мојот случај ме наведе да се обратам до Вас. Мошне неблагодарна работа е човек да зборува за себе, но нека биде простено што тоа го правам. Големите луѓе отсекогаш имале разбирање кон уметноста и уметниците. Јас по определба сум новинар и поет, со новинарски стаж од триесетина години и со скромен поетски прилог во современата историја.
Во затвор сум веќе една година и четири месеци. Обвинет сум и осуден 4 години затвор за кривично дело Здружување заради непријателска дејност по чл.136, ст.2 во врска со чл.114 од КЗ на СФРЈ. Кривичното дело за кое сум огласен за виновен и осуден е сторено на принуден начин од страна на претходно казнетите кои 16 години ме држеа како заложник. Тие постојано ми се закануваа дека ќе ме уништат мене и моето семејство ако нешто кажам за нивните грозоморни дејанија. Моето присуство на една верска слава Велигден 1970 година во куќата на осудениот Славе Бошковски, по откривањето, осудените го прикажуваа како контакт со намера и цел, земајќИ ме како параван зад кој се прикриваат себеси и своите гнасни дела. Овие нивни вербални искази по откривањето се земени како единствени “докази” поради што јас сум обвинет и осуден. А за постоење кривично дело Здружување заради непријателска дејност, што е спротивно на моето животно постоење, штом веќе моите искрени изјави не беа земени за меродавни, требаше да се посочат некакви материјални траги и докази од кои би се видело со кого и кога сум се здружил. Нема ниту еден пишуван збор, нема документ – како записник, писмо, список, фотографија, памфлет, парола и слично, во кои нешта би се појавило мое име и презиме, мој ракопис и друго. Од сето тоа нема апсолутно ништо, напротив: во своето новинарство од триесетина години сум бил како човек и комунист совесен и исправен, високо ценет и почитуван во работењето, а мојата поезија што и е достапна на југословенската јавност (превеедена е на сите јазици на народите и народностите во СФРЈ и на 17 јазици во светот) според најпознати критичари кај нас и во светот е наречена “апологија на вредностите и убавините на животот”. Досега имам издадено како посебни изданија 15 збирки поезија, а застапуван сум во голем број антологии и зборници кај нас и во светот…
…Врз мои стихови и врз стихови од неколкумина македонски поети англискиот славист Греам Рид во Лондон има одбрането докторска дисертација на тема “Миграцијата село град во современата македонска поезија”. Дел од текстот на темата на Греам Рид е објавен во списанието “Разгледи”. Кај мене овој англиски славист ја зема војната низ стиховите како човечки порок што сее ужас и смрт. Тој ме претставува како длабок хуманист кој низ творештвото се бори против секаков вид зло…
…Една споредба ја појаснува мојата психофизичка конституција што не е незначајна во мојот случај. Во книгата “За литературата и културата”, том 4, издание “Култура” – Скопје, 1981 година, на страна 198 професорот Блаже Конески, во својот есеј за македонската поезија, што истата ја сврстува во медитеранска сфера, својата теза претежно ја гради врз мојата поезија, споредувајќи ме со шпанскиот поет Лорка. Тезата е дека преку континуитетот на народната и уметничката поезија е премостен долг временски период, со заклучок дека “Јонче Котески е еден од најистакнатите македонски поети”. Преку поезијата Лорка сум го замислувал како човек без порок. Бев изненаден кога во весникот “Борба” од 18 и 19 октомври 1986 година, на страна 9 го прочитав искажувањето на поетот Рафаел Алберти:
-Лорка је био диван човек, али веома детињаст и плашљив. Бојао се да уѓе у собу која није осветљена, да иде пустим улицама. Плашио се да се купа у мору, било га је страх да буде сам.
Почитуван другар потпретседател, ако може да му се верува на професорот Конески дека во поезијата ги имам вредностите на еден Лорка и ако може да му се верува на Рафаел Алберти дека Лорка се плашел да биде сам, што да се рече за тоа кога со својата двегодишна ќерка се најдов пред отворена рачна бомба во својот стан кога на масата ја постави претходно казнетиот Славе Васовски, поставувајќи ми конечен услов: или молк или смрт. А тој тогаш беше активно вклучен во службата за државна безбедност. Ако го пријавев си мислев дека може да ме ликвидира…
…Познато е дека грешеле и врвни луѓе, па својата грешка ја плаќале. Јас се чувствувам без вина, со ништо не сум го навредил својот народ и својата земја. Јас бев преплашен зашто си мислев: кога тие малоумници се решиле да поставуваат мини во станбени згради, тогаш ни мен енема да ме сожалуваат. Кај мене е видливо: своите идеи сум ги сумирал преку своите стихови, а како што е наведено, не сум учествувал во никакви потфати. Тоа е типична лага што е фрлена врз мене од тие злоделници. Само еден пример: во Обвинителниот акт на страна 9, алинеа 2 стои и оваа реченица:”Обвинетиот Јован Котески уште како студент живеел кај свој роднина во текот на 1950 година во Ново маало и во исто дворно место каде што живеел и обвинетиот Тодор Георгиев”. Јас во Скопје за првпат во својот живот сум дошол во 1953 година, бидејќИ дотогаш бев ученик во Охридската гимназија и не сум имал ни можности, ни потреба да дојдам во Скопје.
Досудени ми се четири години затвор во името на народот. Во името на народот и 40 години се малку за поет од мојот ранг ако сум виновен. Во спротивно, кога би имал гнасна совест би си пресудил и сам. Тоа што сум без петно во душата ме одржува и ме крепи и имам уште непрегледни сили за работа, за општествен придонес во осознавањето на културните богатства на нашите народи и народности. Пак нагласувам: го премолчив чинот оти бев доведен во крајна заблуда од луѓе што требало да го одржуваат редот и мирот на граѓаните, а не да вршат гнасни работи. Факторите што ја спроведуваат законитоста се луѓе, па искрено верувам дека ќе фрлат поглед врз мојот случај и ќе го преиспитаат она што е пропуштено…Изгледа премногу сум живеел со занесот на својата поезија, па дури сега увидувам дека животот не бил секогаш само лирска песна. И ова ќе биде една школа во мојот живот”.
За жал, во досието на Јован Котески нема документ, што би потврдил дека е добиен било каков одговор од другата страна.
Насловна страна
На насловната страна од личното досие со број 5622, формирано во 1961 година, а водено за Јован Котески, како линија на работа стои македонски национализам и шовинизам. Натаму, се наведува дека се јавува како припадник на следните категории: македонски националист (шовинист, сепаратист и хегемонист), внатрешен непријател и други носители на субверзивно-пропагандни активности, припадник (член) на илегална организација или група во земјата, судено (казнето) лице за субверзивно-пропагандна дејност по војната.
Во делот за манифестирана непријателска дејност и карактерни особини стои: Сметал дека како новинар и писател не можел да се доволно афирмира бидејќи Македонија порано била под турско, а сега српско ропство. Иако се зборувало за Македонија како самостојна република, таа била расцепкана и во тие услови не можело да се создава. Мрзел се што било српско. Пристапил кон непријателска група која дејствувала од непријателски побуди со цел отцепување на СРМ од СФРЈ. Бил информиран за извршените експлозии (“Пластика”) после нивното изведување и истите ги одобрил. На 23.11.1985 осуден е на 5 години затвор. Во 1987 година по повод празникот 4 јули е помилуван од понатамошното издржување на казната.
Текстот е објавен во периодичното списание Македонија во 2016 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.