Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, каде членуваат еминентни доктори, е во постојано заседавање и заедно ја следиме состојбата, истакна денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој на денешната прес-конференција повика на прогласување на кризна состојба, како и прифаќање на подадената рака и предложените мерки од ВМРО-ДПМНЕ.

Многу посилни земји од нашата се одлучија на прогласување кризна состојба, а тоа е така зошто вистински ги проценуваат работите и ризиците. Неопходно е и прогласување на кризна состојба и кај нас за да може да се преземат итни и неодложни мерки.  Предлагаме итно замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот за месец март.  Итно замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот.  Државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот во висина од 50-тина проценти, рече Мицкоски.

Во делот на здравјето на граѓаните од партијата предлагаат да се спроведе итна национална набавка на антисептични средства.

Државата односно владата да обезбеди бесплатни маски и ракавици за граѓаните.
Формирање на стручно тело, од посебен тим на експерти, засилено од постојните државни институции кои ќе прават строга контрола на евентуалните злоупотреби на дефинирање на високи цени за продажба на маски, антисептични средства и други потреби во врска со оваа состојба.  Предупредувам дека очекуваме од владата да излезе со името на компанијата која што брутално го злоупотреби здравјето на граѓаните и беше профитерски настроена, наместо да се грижи за здравјето на граѓаните. Во спротивно ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе излеземе во јавноста со доказ. Обезбедување на бесплатни средства за заштита на работниците под висок ризик од корона вирус, освен здравствените работници, под ризик се и работниците во градилиштата, работниците во јавниот сообраќај, шалтерските работници, вработените во продавниците, новинарите, снимателите и редица други професии чија што работа подразбира контакт со лица, додаде Мицкоски.

Кажа дека неопходно е редуцирање на работата на државната администрација, како и удвојување на човечките капацитети на работа во здравствените установи непосредно задолжени за справување со последиците од корона вирусот.

Овозможување на отворена 24 часа линија за консултации и прашања поврзани со вирусот. Оправдано владее паника и страв кај граѓаните. Формирање на посебно државно контролно тело чија единствена задача ќе биде надзор и контрола на примената на превентивните мерки. Очекуваме брзо делување. Здравјето пред се и одговорно однесување за заштита и превенирање на последиците во деловното и бизнис работење, рече Мицкоски.

Потенцираше дека секој поминат ден без мерки значи поголеми последици во бизнисот и повеќе што е најважно загрозени граѓани од корона вирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.