Февруари заврши, дојде март, Македонија се уште ги нема вакцините против корона вирус. Ветувањата беа дека токму од февруари ќе започне имунизацијата на населението и тоа токму со кинеските вакцини на Синофарм. Но, нема ни трага ни глас од тие 200.000 вакцини кои наводно беа набавени и ќе дојдеа наеднаш.

Дури и власта не знае кога ќе дојдат. Иако и премиерот Зоран Заев, како и министерот за здравство Венко Филипче ги најавуваа дена наскоро ќе пристигнат сега ни тоа не го кажуваат. Од имаме договор и само што не пристигнале во Македонија, по се испадна дека ниту има договор, ниту завршена документација. Затоа сега наместо први ќе пристигнат кинеските вакцини, сменија плоча па велат први ќе пристигнат вакцините од Фајзер, додека почетокот на февруари се претвори во крајот на март. – Договорот од Фајзер стигна, до крајот на март ќе добиеме 21.000 доза од вакцините.

Во вториот квартал од годината ќе добиеме поголеми количини. Не се работи за несериозност, знае нашиот народ дека се работи за недостаток на вакцини во целиот свет. Сакам да ги уверам граѓаните дека ние како Влада имаме направено повеќе од тоа што треба за да ги обезбедиме потребните количини. Имаме нарачано 800.000 од Фајзер, 833.000 дози преку Ковакс механизмот, потоа 400.000 од Кина, 200.000 од Русија, рече премиерот Заев денеска за медиумите. Но, тие од Фајзер ги најавија уште на 29 декември минатата година кога се пофали министерот Филипче дека има договор и нејасно е како сега пак има договор за истите вакцини. Излажале тогаш или сега? И додека има договор за сите вакцини, ама вакцини нема, затоа има мутации на вирусот кои зедоа замав. Британскиот сој за кој власта не се загрижи премногу кога се дозна дека го има во Македонија ни го донесе третиот бран на корона вирусот во Македонија. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје само за една недела бројот на новозаболени од корона вирусот веќе е двојно зголемен. За седум дема има 3.628 нови случаи, што е зголемување за 56%. Исто така веќе на дневна основа гледаме бројки од над 700 позитивни, што укажува на третиот бран.

Coronavirus Covid-19 Vaccine bottle with US money

Воедно постои и заканата за појава на јужноафриканскиот сој, што покажа и вчерашниот сомнителен случај кој ја испаничи целата држава. Иако на крајот излезе дека не се работи за таа мутација, сепак тоа покажа колку државата е неспремна и дека било кој слободно може да влезе во земјава, затоа што не постојат никакви контроли на границите, а немаме никакви строги мерки, ама имаме олабавувања на постоечките. Додека мутациите стануваат доминантни, додека цела Европа се плаши од нив, надлежните во Македонија не реагираат. Сето ова ни укажува дека власта премногу несериозно пристапи на заштитата на граѓаните и кон нивните животи, што всушност го гледаме веќе година дена откако се појави корона вирусот во Македонија. И додека се е под контрола за власта и се задоволни од набавката на вакцини, во меѓувреме вакцини нема, а се губат животи. И со право граѓаните си го поставуваат прашањето дали премиерот Заев наместо да си ја преиспита коалицијата, требаше да си поднесе оставка како морална одговорност за загрозување на животите на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.