Не постои правен основ за разрешување на Стојко Пауновски. Директорот на државниот пазарен инспекторат апсолутно ги почитувал законите, сметаат правните експерти. Тој не може да измисли работни места за непостоечки професии и да ја менува систематизацијата. На тој начин би го прекршил законот, вели професорката Ана Павлова Данева за Сител.

Данева вели дека не постои простор за повикување на етичкиот кодекс за разарешување. Потсетува дека етичкиот кодекс на владините функционери на кој се повикуваат вицепремиерите Николовски и Груби првенствено постои за да го штити интегритетот на институциите со кои раководат како и јавниот интерес. А токму тоа го правел Пауновски.

Етичкиот кодекс предвидува неколку мерки за казнување на владини функционери а разрешување е последна мерка, вели Данева.

Од Владата денеска нема конкретен одговор дали е доставен предлог за разрешување на Пауновски и кога ќе биде разрешен.

Непочитувањето на одлуки на Владата и поттикнување на конфронтација преку медиумите е недопустливо, спротивно на закони и кодексот на однесување на јавните функционери, повторија од Владата.

Вработените во инспекторатот во понеделник ќе ја достават до Владата петицијата против разрешување на Пауновски. На неа се потпишале скоро сите вработени. Тие ќе побараат и итна средба со премиерот на која ќе му ги образложат ставовите.

Поддршка за Пауновски има од голем број на граѓани. Дел од нив оформија и група на социјалните мрежи. Против негово разрешување е и поранешниот гувернер Петар Гошев, професорот Ѓорѓи Спасов, поранешниот генерален секретар на СДСМ Кирацовски како и многу други функционери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.