Без народ, нема помирување. Помирувањето не е чин на двајца премиери, помирувањето е нешто повеќе од тоа, смета Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Македонија поддржана од ВМРО ДПМНЕ.

Според Силјановска Давкова, живееме во 21.  век, а ние се уште треба да докажуваме дека сме Македонци и кога немало држава Македонија имало Македонци.

Се чини дека тоа не го знае нашиот премиер или не сака да го знае. Јас се чудам како можел денеска олку насмен и весел да се слика со господинот Ципрас заборавајќи дека пропуштил еден важен момент, еден важен чин, химната. Но, се разбира во химната се зборува за правдини, во химната се зборува за Македонија и тој или се плаши да го чуе тоа или се плаши да не го навреди високиот гостин. А пазете ќе се помирувале.

За жал, Преспанскиот договор ниту беше по мерка на македонскиот народ, ниту пак во Грција помина низ транспарентна постапка. Но, поважно беше да се реши геостратешкиот момент, геостратешката причина, а нам за жал судбина ни била да живееме на линијата на огнот.
Ветуваа реформска влада и кога слушав за реформска влада си велев веројатно ќе го намалат бројот на министрите, веројатно ќе посегнат по квалификувана и стручна администрација, веројатно ќе се втурната во економски реформи, веројатно ќе и објават војна на корупцијата и криминалот, веројатно нема ни да споменат за непотизам, ама најверојатно сето тоа го заборавија, рече Силјанвоска Давкова од говорницата во Ресен каде што вечерва се одржа митинг на ВМРО ДПМНЕ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.