Незаконско е пренаменувањето на буџетот за СЈО за 2020 година од страна на Собранието. Парите се пренаменија за Државната изборна комисија со што се повредени основните права кои произлегуваат од законските одредби за работен однос. Поради ова, близу сто вработени во СЈО повторно се оставени без плата, а со тоа и без здравствено осигурување, реагираат вработените и најавуваат тужби против државата.

Октомвриската и ноемвриската плата без овластен потписник во СЈО, беа исплатени со присилно извршување од буџетот за минатата година преку Управата за јавни приходи. Проблемот настана кога почна процедурата за исплата на таков начин и на декемвриската плата.

Така, поради фактот што во буџетот на СЈО за 2020 година предвидени се финансиски средства само на ставката за плати, која ставка, согласно образложението на Министерството за финансии, е изземена од присилно извршување, не постои можност за присилна наплата на платите на вработените лица, што е апсурдна ситуација – да не може присилно да се изврши исплата на плати од ставката за плати од буџетот на СЈО“, реагираат вработените.

Тие веќе оствариле средба со претставници на Министерството за финансии, а планирана е средба и со јавниот обвинител.

Апелираме надлежните државни институции во најбрз рок да го разрешат овој апсурден проблем во интерес и на владеењето на правото и во интерес на вработените кои не по своја вина се оставени во незавидна ситуација.

Во спротивно, вработените ќе поднесат тужби за неисплатени плати, но и кривични пријави за одговорните лица и институции поради незаконската пренамена на буџетските средства за СЈО“, велат вработените.

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Македонија едногласно го усвои амандманот на Буџетот со кој финансиските средства предвидени за СЈО се пренаменија за друг буџетски корисник, поточно за спроведување на предвремени парламентарни избори. Тоа беше прифатено од Министерството за финансии, а беа оставени средства само за исплата на плати на вработените.

Тие велат дека станува збор за флагрантно прекршување на законот, што повлекува и кривична одговорност имајќи предвид дека член 16 став 3 од Законот за ова Јавно обвинителство пропишува дека Јавното обвинителство на, Министерството за финансии и Собранието не можат да го менуваат финансискиот план од членот 13 став 2 и ќе го вградат во Буџетот на Јавното обвинителство.

Законот за СЈО е во сила до 15 септември 2020 година, до кога и постои оваа институција.

„Се поставува прашањето доколку Министерството за финансии знаело дека има пречка за присилно извршување од ставката на плати и знаело за потребата од присилно извршување како начин на исплата на платите, зошто не алармирало за ваквата состојба и го прифатило ваквиот предлог буџет, односно амандман на истиот“, алармираат вработените во СЈО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.