Д-р Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција побара Владата да не ја игнорира опасноста која се заканува како последица од делта сојот на ковид-19.
Според она што до сега им е достапно на експертите како информација, може да се утврди дека оваа мутација на вирусот е далеку повирулентна, по брзо се шири, ја зафаќа младата популација и можноста за компликации се поголеми, но од друга страна власта нема план на повидок како да го заштити населението. Земјите во регионот и светот имаат строги контроли при влез на нивната територија, само во Македонија нема никаква контрола, рече Зафировски.
Тој препорача Министерството за здравство да воведе систем на задолжително тестирање на граничните премини и на аеродромите, за да се превенира ковидпозитивни да влезат во земјава.
Во таа насока Филипче мора да го направи тестирањето во рамки на државата подостапно. Крајно и најбитно е да се продолжи со вакцинација, но и со поголем опфат на населението. Вакцинацијата мора да биде масовна и да се искористи летниот период за создавање на што поголем колективен имунитет кај населението, што би довеле до тоа спремни да го дочекаме новиот бран на делта сојот на есен, рече Зафировски.
Тој побара власта да каже и како планира да обезбеди нови вакцини, и праша до каде се најавените купени 800.000 Фајзерови вакцини и 200.000 вакцини Спутник, кои како што известуваа ги нарачале, а еве веќе 4 месеци ни трага ни глас од нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.