Нема да дозволам моето дете да биде статистика, ќе се борам да ја добијам целата документација, ќе најдам адвокат и ќе ја барам правдата до крај, вели за „Сител“, Борче, таткото на 22-годишниот Дарко Мицкоски, кој почина на 15 октомври на Инфективното одделение во Битола. Поради преголемата болка не собра сили да застане пред камерата, но го сподели сомнежот кој го имаат.
Семејството Мицкоски веќе доставило барање до болницата за да ја добие комплетната документација од лекувањето, поднеле барање до Државниот здравствен и санитарен инспекторат за извештајот од извршениот надзор, поднеле претставка до Народниот правобранител, како и пријава до Јавното обвинителство поради сомневање за лекарска грешка. Таткото вчера испратил и писмо до министерот за здравство и комисијата за извршување на инспекциски надзор во кое опишува се што се случувало од денот кога Дарко добил позитивен тест, на 9 октомври, се до 15 октомври. Таткото тврди дека на 14 ги молел да го пренесат во Скопје, но го одбиле, за попладнето да му кажат дека состојбата му е критична и не е за транспорт.
Наредното утро Дарко почина.
Во писмото кое го испратил до министерот Филипче, Борче меѓу другото пишува:
Сите лекари зборуваат по телевизиите дека пациентите доцна се јавуваат на лекар. Јас го носев моето дете од првиот момент кога дознав дека е позитивен, а чекав три дена за хоспитализација. Благодарам што е третиран со крвна плазма од прележан донор, меѓутоа сметам дека третиот ден од хоспитализацијата е предозиран од разни лекарства, кортоико стероиди и други терапии кои вам ви се познати подобро од мене.
Борче оценува дека по ова ситуацијата се влошила, а од министерот бара известување во писмена форма од направениот надзор.
Јас моето дете го хоспитализирав за да оздрави, а не да почине за три дена хоспитализација, заклучува таткото на починатиот Дарко.
Од ДСЗИ во Битола му рекле дека имаат рок од 15 дена да му одговорат.
Од битолската болница потврдија дека за овој случај, Државниот санитарен и здравствен инспекторат направил вонреден инспекциски надзор.
Во обраќањето до јавноста раководителот на службата за инфективни болести во Клиничка болница Битола, прим. д-р Ели Димитриевска, вели дека го даваат нивниот максимум за соодветна медицинска помош.
Дарко беше хоспитализиран, лекуван и перманентно следен од сите во ковид центарот и целокупниот медицински персонал, со терапија којашто се спроведува согласно по сите медицински протоколи (медицинска документација, историја на болест). Во секој случај, со оглед на неговата голема телесна тежина, и со самиот факт што Дарко не беше вакциниран, за жал припаѓаше на групата високоризични пациенти иако досега беше без придружни здравствени проблеми, пишува д-р Димитриевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.