Првиот круг од локалните избори евидентно покажа дека власта повеќе ја нема поддршката од граѓаните и дека граѓаните се подготвени за промени, најпрво во општините, а потоа и на централно ниво – изјави Владимир Нелоски, претседател на Градски Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата Само вистина на Канал 5 телевизија, во која учествуваше и пратеникот од СДСм, Дарко Каевски.

Нелоски потенцираше дека ваквиот резултат е последица – не само од неработењето на локалните власти на СДСМ – туку и поради лошите политики на централно ниво.

Не би се согласил со Каевски дека СДСМ ја сфатиле пораката и не би се согласил дека народот им дал порака. Народот им даде порака во 2019 година кога нивниот лидер мавташе со метли, ветуваше промена на позиции, директори и за сите оние кои што не работат чесно, но не видовме ништо од тоа и токму затоа граѓаните во неделата им го дадоа најпрво жолтиот картон којшто ќе го потврдат на 31 октомври и СДСМ конечно ќе го доживее поразот кој што го заслужува – истакна Нелоски.

Според него, споредувајќи ги резултатите од минатата година на предвремените парламентарни избори и сега на локалните избори, на овие избори најголем победник е ВМРО-ДПМНЕ. Нелоски додаде дека во скопските општини како и на ниво на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ или си го задржало гласачкото тело или пак го зголемило, што не е случај со СДСМ којашто има доста намалување во однос на минатите години.

Во однос на гласовите, не знам која аналитика ја гледал Каевски, но ако ги погледнеме гласовите во Градот Скопје и во скопските општини, еве на пример, Кисела Вода, ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми своите гласови за 1000 до 2000, додека пак СДСМ опадна за 5000 до 6000 гласови.

 

Потоа доколку го земеме Аеродром, ВМРО-ДПМНЕ од претходните избори во 2020 година ги зголеми своите гласови за 4000 до 5000, додека СДСМ го намали за 2000 до 3000 гласови. Истото е и во Центар, ВМРО-ДПМНЕ остана на истото гласачко тело од минатата година, додека пак СДСМ падна за некои 2000 до 3000 гласови. Така е горе доле и низ цела држава.

 

Граѓаните на овие избори конечно одбраа, се одважија и избраа промени, победи и најважно од се проекти – истакна Нелоски.

Нелоски, ја искоментира и изјавата на Зоран Заев кој ги нарече граѓаните зло затоа што не му ја дале нему поддршката, прашувајќи го Каевски дали како млад човек ќе им се извини на граѓаните за изјавата на Заев, укажувајќи дека СДСМ мора да излезе од матрицата на надменост и арогантност.

Јас бев фрапиран кога премиерот на државата, без разлика дали е претседател на политичка партија тој е премиер на сите граѓани, пред неколку дена кажа дека 400.000 граѓани кои го дале својот глас на изборите биле зло. Сега јас на Дарко морам да му поставам прашање дали ќе се извини на граѓаните бидејќи неговиот претседател за400.000 граѓани на Македонија ги нарече зло. Значи потребно е СДСМ конечно да излезе од таа матрица, на надменост, на арогантност, на понижување на сите неистомисленици – порача Нелоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.