По рекордните од почетокот на пандемијата 364 новозарзени и тројца починати регистрирани при 2.140 тестирања во Македонија, Комисијата за заразни болести предложи сет на рестриктивни мерки, но засега не се размислува за воведување полициски час.

Дел од мерките што ќе бидат доставени до Владата се носење на маска на отворено, забрана за поголеми семејни прослави во домашни услови и групирање на јавни простори по 22 часот. Во еден дом ќе биде дозволено сопствениците да примат само четворица на гости. Мерките нема да важат за децата до шест години.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека ќе побара што поскоро одржување на владината седница.

Се воведува задолжително носење маски или заштитна опрема на носот и устата секаде при престој на отворено, на затворено во кој било јавен објект, на работно место, јавен и приватен транспорт. Исклучок се прави при спортување на отворено и затворено, при транспорт во приватни возила на членови на едно семејство, при седење во уготителските објекти со почитување на соодветни простории, при престој во службени простории ако е лицето само во просторијата – изјави Филипче.

Пред граѓаните е и продолжениот викенд во кој е планирано да се реализира мерката „Викенд без ДДВ“.

Министерот Филипче смета дека тоа нема да претставува ризик за ширење на вирусот бидејќи, како што вели, има протоколи и се знае по колку лица можат да влезат на затворено, а дополнително на тоа е и задолжителното носење маска во затворен простор и држењето дистанца.

Никаде нема да се пропушта да влезе голема концентрација на луѓе. Секаде ќе бидат задолжителни маските. Впрочем на затворено и сега се задолжителни, а таму каде што се носат маски и каде што се држи дистанца, едноставно нема ризик од трансмисија на вирусот – нагласи Филипче.

Отворањето на границите, според него, не претставува значаен ризик бидејќи сега најголем проблем е локалната трансмисија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.