Со панихида и положување цвеќе пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје утрово беше оддадена почит кон 10-те загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.
Почит им оддадоа делегација од Министерството за одбрана и Армијата предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар во Mинистерството за одбрана, Драган Николиќ, претставници на Владата, од кабинетот на Претседателот, Собранието, општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичката партија ВМРО ДПМНЕ и поголем број здруженија на бранителите, како и граѓански организации.
Денеска одбележуваме 19 години од погубието на Карпалак. Деветнаесет години на ова исто место со една иста изјава сме барајќи да се направи достоинствено обележје за загинатите, мислам дека тие тоа го заслужија. И медиумите се сведоци дека и денес цвеќето беше положено на банкина, што не е достоинствено. Го положија животот на браникот на Република Македонија за идеалите за опстој на оваа земја како Република Македонија. Ние преживеаните следбеници на нивните дела со гордост ги почитуваме. Тој кобен 8 авгсут 2001 се случи, но ни тие случки не престануваат, тука е кумановско Диво насеље, Смилковско Езеро, да не зборуваме за другите настани као што се Вејце, Бриони, Љуботенски бачила за кои многу малку е кажано за нив, изјави Ацо Јовановски-Реган, кој бил дел од резервните припадници на Армијата во конвојот од Прилеп.
Од одборот на бранителите исто така сметаат дека треба подостоинствено одбележување на местото на настанот.
Како и претходните години и оваа година сè помал е бројот на луѓе за чествување на овој настан. Причините не ни се познати, но некој очигледно работи овој настан полека да се заборава. Затоа што и оваа година како и минатата година никој од државните власти тука на местото не истакна ниту еден збор зошто се дојде овде и што е тоа што денес одбележуваме. Мислам дека Министерството за одбрана ќе смогне сили и подостоинствено ова го чествува, а на бранителите да го даде местото за кое се заслужни. Апелирам и до бранители да смогнат сили да се организираат во смисла да не не заборави нивниот придонес во Република Македонија, изјави Марин Најдов од Одбор на бранители.
На 8 август 2001 околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Загинаа Нане Наумоски (48) ,Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29) Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26) сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово, и Пеце Секулоски )29) од прилепско Бело Поле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.