Работните групи на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ неделава ќе одржат нова средба за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство – дознава Република. Ова е прва средба откако Владата изгласа предлог-закон и го прати на собраниска процедура. Веднаш потоа ВМРО-ДПМНЕ излезе со нов предлог-закон за Јавно обвинителство, кој се фокусира на четири точки.

Тие се однесуваат на формирање на посебно одделение во рамки на државното обвинителство, а не СЈО да биде дел од обвинителството за организиран криминал и корупција. Обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, сите предмети на СЈО да бидат преземени од државното обвинителство и да се воспостави финансиска независност не само на новото, туку на целото обвинителство.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се обидат да ги приближат своите ставови, односно конечно да се дојде до заеднички предлог-закон, прифатлив за двете страни. Тоа значи нови договарања, нови усогласувања… Ќе биде ли ставен на стенд-бај законот за Јавно обвинителство периодов, односно дали тоа значи дека во догледно време ќе нема конретно решение за овој закон?!

Според информациите на Република работните групи на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, во текот на неделата ќе се обидат да ги доближат ставовите и за пописот на население.

Денеска во Собранието воопшто не започна расправата за предлог законот за попис. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев бараше точката да се тргне од дневен ред, а претседателот на комисијата Артан Груби од ДУИ ја прекина седницата. Во барањето за тргање на точката од дневен ред Ѓорчев рече дека законот што се предлага не е во согласност со критериумите на Евростат и ОН.

Ќе бидат ли во мирување и ќе се чека ли евентуално постигнување на договор меѓу партиите на овие теми?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.