Пензионираната универзитетска професорка, автор и преведувач Огнена Никуљски, потсетува дека на овој ден, пред точно еден век, беше роден нејзиниот татко Коле Чашуле, еден од најзначајните македонски романописци, драмски писател, публицист, револуционер-првоборец, политичар и дипломат.

Вели, во денешново вредносно празно и политикантски заробено секојдневие, не верува дека некој ќе се сети да му оддаде почит. Да му се заблагодари, ако ништо друго, барем за доживотното војувањето за афирмација на македонскиот јазик, на Македонците, денес нападнувани и од внатре и од надвор.

100 години од раѓањето на татко ми, Коле Чашуле
Не паметам кога почина, како што не паметам кога починале сите оние што ми биле драги. Се сеќавам на нив на нивните родендени, да им го славам животот.
Сто години од неговото раѓање! Цел век.
Исказот на Сартр: Да се зборува, тоа значи да се дејствува го пренесе на нашите простори и на своето дејствување како: Да се пишува на македонски значи – да се војува. Како продолжеток на војувањето со пушка в рака против фашистичкиот окупатор. Беше меѓу оние кои го отпочнаа востанието против окупаторот, на 11 октомври 1941 година, во Прилеп.
Во 1940 година ги пренесува од Белград во Скопје првите примероци на „Бели Мугри“ од Рацин.
1942 година учествува во организирањето на атентатот на бугарски висок полициски функционер во Скопје за што го апсат и го осудуваат на смрт со бесење.
Го организира успешното бегство од затворот на повеќе од 300 осуденици по што активно се вклучува во завршните операции за ослободуање на Македонија.
1945 година го објавува својот прв расказ „Денот“, во списанието „Нов ден“.
1948 година Народниот театар во Куманово ја изведува неговата прва пиеса „Една вечер“.
Истата година е назначен за прв управник на Македонскиот народен театар.
1950 година излегува од печат неговата прва книга, збирка раскази „Првите дни“.
1952 заминува на својата прва дипломатска дожност во Торонто како генерален конзул.
1956 година е назначен за прв министер за култура на НР Македонија.
1961 година на сцената на МНТ праизведена е неговата драма „Црнила“. На театарскиот фестивал Стериино позорје ја добива наградата за драмски текст.
Следните години на сцена се поставуваат и други негови драми како: „Вејка на ветрот“, „Градскиот саат“, „Партитура за еден Мирон“, „Вител“, „Како што милувате“, „Роднокрајци“, „Суд“, „Тројца и вистината“ и други.
Во 1963 година е назначен за југословнески амбасадор во Боливија.
Во 1970 година е објавен неговиот прв роман „Простум’.
До крајот на животот пишува и ги објавува романите „Вомјази“, „Имела“, „Гочила“, „Конзулски писма“, „Канадски фрагменти“, „Така е (ако ви се чини)“, „Лимб“, „Ништо“, „Тој што нема име“, „Патот од себеси“ и други.
Во 1971 е назначен за југословенски амбасадор во Перу.
Објавува и низа книги есеи: „Записи за нацијата и литературата“, „Нови записи“, „Македонски дилеми“,„Болно племе“, „Резиме за мојата генерација“, „А, бре, Македонче“, „Антимемоари“ и други.
Добитник е на низа награди:
– 1961 – Стериина награда за драмски текст за драмата „Црнила“;
– 1967 – Награда 11 Октомври за најдобра книга Драми
– 1970 – Главниот одбор на Југословенските театарски игри Стериино позорје му ја доделува наградата за особени заслуги за унапредување на театарската уметност и култура.
– 1981 – Награда Стале Попов за романот „Вомјази“
– 1982 – Наградата Марин Држиќ за драмски опус
– 1989 – Наградата АВНОЈ за животно дело
– 1997 – Наградата Војдан Чернодрински за животно дело
– 2004 – Наградата Велја кутија за романот „Тој што нема име“
– 2006 – Наградата 11 Октомври за животно дело
– 2007 – Наградата Рациново признание за романот „Патот од себеси“.
Во една размисла, при крајот на животот, пишува:
…Ќе почнам ли и јас, како и сите старци, некритички да им тријам сол на главата на оние околу мене, зборувајќи им, одново и одново, за некое подобро минато? Понекогаш се фаќам во мисли оти се’ повеќе станувам зависен од минатото. Подобро се чувствувам во него, отколку во оваа мачна сегашност – транзициона без крај. За индината, се’ пократка и понеизвесна, не само заради моите изнасобрани години, ич муабет да не правам. Дали на овие нови генерации иднината ќе возумее да им биде добра и милослива како што нашето минато беше добро и бериќетно кон нас? Еден поет од моево време гласно се прашувал дали слободата ќе умее да пее онака како што робовите пееле за неа. Пуста слобода!

Некаде во раните седумдесетти години, со некоја писателска делегација, не’ однесоа во Јасна Полјана. За да го посетиме Музејот на Лав Толстој и да се поклониме пред неговиот гроб. Гроб обичен та најобичен, од скромен – поскромен: големиот даб, под него могилата обрасната во зелена трева… Ниту име, ниту знак, ниту слика, ниту биста, ништо. Рекоа оти бил погребан во најобичен дрвен сандак, взори, во тишина, опкружен само со домашните. Светиот синод на Руската црква веќе го имаше екскомуницирано, та Грофот и „официјално“умрел како што живеел – како еретик. Или, подобро, како самјак. Самјаштвото е судбина на сите што избрале да простумат. “
И татко ми простумеше. Простумеше за слобода и еднаквост, за почитување на македонскиот јазик, за неговото богатство, за ширење на македонската култура и традиција, наспроти обидите јазикот и идентитет да ни ги одрекуваат, наспроти негрижата за него овде, меѓу нас, Македонците. И за многу други нешта.
И умре самјак, опкружен само со домашните.
Во денешново вредносно празно и политикантски заробено секојдневие не верувам дека некој ќе се сети да му оддаде почит. Да му се заблагодари, ако ништо друго, барем за доживотното војувањето за афирмација на македонскиот јазик, на Македонците, денес нападнувани и од внатре и од надвор.
Ми се таложат горчила во душата оти сум убедена сум дека оваа јанза ќе ми се потврди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.