Од Министерството за внатрешни работи велат дека не е потребен никаков документ или потврда за лицата со истечени патни исправи, кои летово сакаат да патуваат и дека на македонските граници нема да имаат дополнителна процедура за излез.
Согласно измените и дополнувањата на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија од 03.06.2021, а кои ќе се применуваат од 01.07.2021, Ве известуваме дека Министерството за внатрешни работи на граничните премини на граѓаните со истечена важност на патните исправи нема да бара никаква потврда, велат оттаму за „Република“.
Прашањето за дополнителните процедури се наметна откако на социјалните мрежи беше споделено дека секој што останал без валиден пасош поради системот на МВР, ќе треба да извади потврда на која се посочува дека важноста на документот се продолжува. Дополнително, се шпекулираше дека за таа потврда ќе се наплаќаат 1.200 денари, зошто во вообичаени околности во македонските претставништва се добиваше патен лист доколку некој наш државјанин има проблем со патната исправа или пак му е украдена или загубена.
Од МВР, сепак, посочуваат дека нема да биде потребна никаква потврда, туку дека Министерството за надворешни работи е должно преку Дипломатско конзуларните претставништва да ги извести државите за законската измена.
Дали за влез во некоја или сите земји за лицата со пасош со поминат рок ќе биде потребен и дополнителен документ, потврда, печат, или нема никаква дополнителна процедура и ќе се патува слободно, дали постои земја која не се согласила со нашите законски измени во овој дел, се само дел од прашањата на кои очекуваме одговор од Министерството за надворешни работи.
На прекинот во издавањето на лични документи бурно реагираше и јавноста и опозицијата. Народниот правобранител, пак, денеска исто така изрази загриженост во однос на повторниот прекин на издавање на лични документи и посочи дека ваквиот потег сериозно ќе влијае на остварување на многу други права на граѓаните. Омбудсманот по сопствена иницијатива ќе ги испита евентуални пропусти во работењето на надлежните служби во МВР, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.