Трагедијата во Тетово ѝ ја расипа журката на власта, па од приватната прослава на плоштадот во Скопје, премиерот, министри и Али Ахмети заминаа за Тетово.

Тетовци не ја пречекаа власта со раширени раце, а парадата во Тетово за чудо не одеше во живо на владините, личните и партиските фејсбуци. Сепак, навикнати сме да ги гледаме во живо. За час да помисли човек им дошло од задникот во главата дека не е време за сликање, па ја кренале рачната.

Дури и во толкава трагедија народот веќе не чувствува заштита од „родителите“. А и што да чувствува – дека правдата им ги смири душите на 16-те загинати кај Ласкарци, претходно најголемата цивилна трагедија во земјава? Поминаа две и пол години, а ние само копаме гробови, а од нивната ароганција правдата можеме само со боринче да ја бараме.

На социјалните мрежи, каде што Заев се сокри од народот, се бараат оставки. Конечно оставки! Од цела Македонија пристигнуваат иронични прашања: Кој е сега крив, премиере, пациентите што се разболеле?! Партиски вработувања не вршат обука, премиере! Ова го нема ниту во Африка, тетовската болница е за жал, му пишуваат луѓето на премиерот кој од Тетово буквално избега по скали.

 

А зошто е за жал тетовската болница? Па ако не знае премиерот, ако Тетово му е далеко како таму некојаси Ерменија, ако не чита портали, ако не гледа вести, ако не му кажал неговиот другар моторџија, кому тоа му е работа – да знае што се случува во тетовската болница, еве ќе повториме:

Техничка неисправност на модуларната болница (предвреме платена) уште на отворањето, 15 април 2020.

Некој намерно ги отсекол цевките за доток на кислород во ковид центарот, 23 август 2021 година.

Тетовската болница хотел промаја, роднините се шетаат без маски, на некои им се дозволува цела вечер да седат до заболените од ковид, 3 септември 2021 година.

И вистина, крив засега нема. Ги нема ниту премиерот, ниту министерот за здравство. Филмските диви се сторија глувци. Типкаат на телефоните од некој бункер во кој се завлекоа по несреќата за да не ги дадат вистинските одговори.

Кој ја договори зделката со модуларните болници со Анѓушев? Чија е одговорноста? До кога ќе копаме гробови за цивили, а власта ќе штити нечии дебели задници? Ќе има ли оставки? А мора да има! Зашто најблаго речено невкусно е од Владата да прстигне соопштение со видеоисечоци како премиерот и свитата шетаат покрај гробницата на Анѓушев. Не треба со камери да ги испраќаме, треба со камења!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.