Дебарските средношколци од гимназијата „28 Ноември” од понеделник ќе започнат да посетуваат настава со физичко присуство.

Ова е заедничка одлука на самото училиште, Советот на родителите, професорите и Советот на општината, ккако и желба на самите ученици, кои утрово втор ден протестираа против онлајн наставата наложена од Министерството за образование.

Училиштето ќе ги отвори вратите за учениците од понеделник во две смени, најави директорот Рамадан Имери, кој е дециден дека училиштето ги исполнува сите пропишани услови за физичка настава и имплементирани препораките од надлежните министерства, а позитивна оцена била добиена и од образовниот инспекторат.

Гимназијалците од двете средни училишта во Струга, исто така масовно излегоа на протест и побараа настава со физичко присуство, а локалната власт застана на нивна страна.

Министерката Царовска по настан во скопската пштина Бутел изјави дека најавувањето бојкот или нарушување на протоколите во училиштата е неконструктивен начин на надминување на оваа криза во нашата држава.

Секој од нас е одговорен за јавното здравје и правото на здравје. Ако некој директно и свесно го загрозува здравјето на другиот, тогаш имаме прекршување на закон и на Устав. Затоа ги повикувам сите наши граѓани, сите родители, наставници и ученици, дека секој од нас треба да се справува на конструктивен начин со оваа епидемија, рече Царовска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.