Поминавме низ многу градови, многу села. Посетивме поголеми и помали места. Иста е маката, ист е чемерот, ист е јадот кај нашите сограѓани. Од север до југ, од исток до запад, тешко и мачно се живее. За да дојде до промена и до нови парламентарни избори потребна ни е победа на претседателските избори – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од вечерашниот митинг во Виница.

На вечерашниот митинг кој е дел од кампањата за претседателските избори закажани за април годинава, беше претставен кандидатот поддржан од опозиционата партија, Гордана Силјановска Давкова. Мицкоски нагласи дека ова не се само избори за нов претседател, туку многу повеќе од тоа.

-Ова не се само претседателски избори, ова е многу повеќе од тоа. Ова е крај со остатоците од транзицијата. Ова е крај од криминалното семејство кое до ден денешен крстари по Европа со Мерцедес Мајбах и Бентли. Ова треба да биде крај за недостоинствена Македонија. Ова треба да биде крај за криминалците во Република Македонија. Затоа ни е потребна понуда, на 21-ви април масовно да излеземе и да го поддржиме нашиот кандидат, идниот претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова. На 5-ти мај повторно масовно да ставиме точка и да се избориме да остане институцијата претседател на Република Македонија, честита, искрена, независна и вмровска, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Виница зборуваше не е правда да ветуваш а да не реализираш.

-Три работи зборуваат. Дека ќе донеле правда, дека ќе блескале секаде во светот и третата работа е дека оделе напред. Не е правда кога од овде, од Виница, во еден ден ќе заминат преку 400 луѓе надвор од Македонија, а Мира Дизел ќе ги окупира со половина семејство државните институции. Не е правда кога вашето семејство ужива во Бентли и Мајбах, а луѓето во Кочани, Виница, Зрновци, Делчево, Куманово и останатите градови во Македонија едвај крај со крај сврзуваат. Не е правда кога им ветувате на луѓето загарантиран откуп, повисоки субвенции и стимулации во земјоделието, а кога ќе дојде денот, родот и овде во виничко и онаму во кочанско и во Пелагонија останува необран од нивите. Не е правда да ветувате дека ќе изградите 500 километри автопат, а да не можете речиси готов автопат две години откако сте премиер да го пуштите во употреба. Не е правда да ветувате повисоки пензии, а кога ќе дојдете на власт и тие кои ги затекнавте да ги кратите, порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.