Не е само подобрата работа и парите причина за иселување на младите од државата. Трендовите за напуштање во последните години се и од неекономски причини – им пречи загадувањето, политиката, корупцијата, а во време на отворен свет и кога нема бариери за миграции, младите лесно си одат без да се двоумат.
Иако имаме Национална стратегија за соработка и спречување на одливот на млади и висококвалитетни кадри 2013-2020, таа не се спроведува, покажува анализата на Мрежата за спречување на одливот на мозоци – составена од седум граѓански организации кои работат на различни области поврзани со развојот на младите, младинските политики и права и младинското информирање.
Според анализата на Мрежата, која беше презентирана денеска на конференција, стратегијата е имплементирана само 11 проценти и главен заклучок е дека институциите треба суштински да му пристапат на проблемот и тој да биде приоритетен за решавање.
– Во изминатите седум-осум години оваа стратегија била само парче хартија која е зафрлена во фиоките, институциите не знаат дека постои, нема меѓуинституционална комуникација и заедничко дејствување. Проблемот е реален, постои и треба суштински да му се пристапи, рече Оливер Андреевски, претставник на Мрежата, на конференцијата насловена „Како институциите се справија со одливот на мозоци 2013-2020?“
Решенијата се очекуваат од надлежните институции, пред сè, од министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, а во анализата се дефинирани области кои се приоритетни според младите – образованието, економијата, владеењето на правото и државната администрација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.