Во интерес е и на двете земји да најдат решение за прашањата кои предизвикуваат недоразбирања. Без да се разјаснат ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред. Ова е моментот за да се постигне договор, изјави денеска во Скопје еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин премиерот Зоран Заев зборувајќи за релациите Македонија – Бугарија.
Гледам посветеност од страна на Заев и на Борисов и се надевам дека ќе успеат да изнајдат решение и колку што знам тие работат на тоа. Ќе направиме се што можеме доколку ние можеме да помогнеме во процесот. Да се изнјајде решение не е невозможно. Не би драматизирал премногу околу прашањето, но сепак е сериозно прашање, рече Вархеји на новинарско прашање дали смета дека за идентитески прашања како јазикот може да се разговара и да се барат решенија.
Запрашан за тоа дали Бугарија е осамнена во своите барања или има и други држави кои ја поддржуваат, кога ќе се финализира преговарачката рамка и дали земјава ќе ги започне преговорите до крајот на годинава, Вархеји рече дека процесот на преговарање е веќе почнат и оти ЕК мора да ја добие поддршката од секоја земја членка.
Се надеваме дека ќе можеме да продолжиме според планот и дека во рамки на германското претседателство ќе можеме да ја одржиме првата меѓувладина конференција со Македонија и со Албанија На тоа во моментот работиме. Постојат и други прашања кои мораме да ги опфатиме. Јас сум свесен за чувствителноста. Би сакал да ве замолам за трпение. Затоа што дипломатијата функционира. Тоа го имаме видено со Преспанскиот договор и во други слични сериозни прашања. Веруваме сите дека добрососедскките односи на Македонија и Бугарија ќе доведат до решение за прашањето, истакна еврокомесарот за проширување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.