Министерството за одбрана за првпат овозможи наши питомци да одат на редовно школување на престижната воена академија „West Point” во Соединетите Американски Држави, соопштуваат од Министерството.

За оваа можност за првпат станало збор при посетата на министерката Радмила Шекеринска на САД во септември годинава, во чии рамки било покренато и тоа прашање. Било оценето дека досегашното повремено школување на наши питомци на другите воени академии во САД се покажалo како успешно и дека давањето можност за школување на македонски кадети на една од најстарите и најпрестижни воени академии, „West Point“ ќе влијае позитивно на квалитетот на Армијата на Република Македонија и ќе придонесе кон натамошно продлабочување на соработката и сојузништвото.

Кандидатите за школување на „West Point“ треба да бидат веќе запишани на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во учебната 2021/2022 година. Конкурсот за избор на тројца кандидати е објавен на интернет страниците на Министерството за одбрана и на Воената академија и можат да се пријават сите што ги исполнуваат предвидените услови. Школувањето ќе трае четири години.

Американската воена академија „West point” е водечка воено-образовна институција во светот според програмата што ја применува во наставата и според условите што ги нуди на своите кадети и е најстара меѓу петте воени академии во САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.