Поминавме низ 4 години на силни искушенија и предизвици, но нема да зборувам за минатото и за она низ што поминавме, рече во свеченото излагање пред делегатите старо-новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Време е луѓето во Македонија да ги слушнат пораките за иднината и како до неа, народот е нестрплив да чуе решенија, за промени, за визија која нема да се претвори во некоја нова лага, за еден поинаков пристап во политиката, за сништата кои мора да ги направиме јаве, рече Мицкоски.

Тој им се обрати на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на месните комитети, на општинските комитети, на комисиите, униите, на сите наши симпатизери и поддржувачите и од нив побара подготвеност за многу работа и многу борба.

Народот има очекувања од нас и мора да ги оправдаме. Народот има надеж дека нешто ќе се промени. Мора да промениме. Народот верува дека може подобро, мора да биде подобро. И конечно, народот сака да види избор, опција на која ќе ѝ верува, ние сме таа алтернатива и мора да направиме сè за да бидат убедени дека можат да се потпрат на нас. Не смееме да разочараме, не смееме да потфрлиме, мора да успееме. И знам дека нашата борба не е само за да се победат избори, знам дека не е само за партијата или за поединците, ниту за мене, затоа што ја сфаќаме сите сериозноста на задачата која лежи пред нас. Свесни сме за предизвиците пред нас, затоа сме и подготвени да кажеме дека надежта ќе победи, Македонија ќе победи, рече Мицкоски.

Старо-новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за тоа дека како општество премногу долго сме во истото мочуриште, а сериозен проблем претставува ударот по самодовербата на луѓето и нивното чувство дека сите се исти и многу малку може да се смени.

Сметам дека таквото системско разградување на сè што е добро и квалитетно во земјава придонесе сите ние да станеме робови на системот кој е во анархија, безредие, систем на невредности кои стануваат правило на однесување во секојдневието. И никако не ги обвинувам луѓето кои се подредуваат на таквото секојдневие затоа што мислат дека реалноста не им нуди избор. Во тешки времиња да се понуди избор значи да се преземе голема одговорност. Ние таа одговорност ја земаме на своите плеќи затоа што мора на народот да му се покаже алтернатива која ќе нè избави од болната реалност во која живееме.

Мицкоски зборуваше за сиромаштијата, корупцијата, протекциите. Рече дека во Македонија се плаќа мито за обичен здравствен преглед, за извод од матична книга.

Денес Македонија живее во сиромаштија. Нема скала на релевантна институција која мери корупција каде државата не е вбројана за една од најкорумпираните во Европа, а во светски рамки сме во друштво на некои хибридни државни творби од Африка. А меѓу другото оценката е дека и тука владее хибриден режим кој секоја година повеќе заглавува во криминалот и корупцијата која не се случува само меѓу највисоките структури туку е пренесена на најниските можни рамништа. Денес се плаќа мито да ви извадат извод од матична книга на родени, да добиете лекарска потврда или да ви направат обичен здравствен преглед. Ви говорам за таква немоќност и распаѓање на системот до мера каде човек кој плаќа со децении за своето здравствено осигурување не може да добие обична здравствена услуга без притоа да се јави некому или да понуди мито некаде. Тоа болно удира по нашето достоинство.

Доста се замижува пред секојдневните врски, митаџиства и протекции за добивање на услуги кои секако му следуваат на обичниот човек. Што мислите како 135 пати поминувал автобусот на Беса Транс низ царината без потребните документи и дали ако некој од вас се обиде да ја мине границата без документи, како ќе заврши? Е тоа на овие од компанијата милениче на власта им успеало над стотина пати. И таа иритирачка вина кај одредени структури, која се наградува наместо да се казнува, доведува до тоа животите на луѓето да се губат и тие да имаат ниска цена. Најскапото се губи многу евтино.

Пред нас се големи предизвици, економска криза, енергетска криза, ковидот не престанува и покрај надежите дека тоа ќе се случи, светот е изменет, планетата е изменета, се функционира поразлично од претходно. Македонија мора да фати приклучок, да се адаптира на новиот свет, да ги создаде, развие и да ги промовира своите предности и да ги исправи своите недостатоци.

Знам дека постојат родители кои кога ќе им заспијат децата водат разговори како да го поминат месецот и како да платат рати од кредитот. Како следниот ден да обезбедат пари за ужинка, топла облека за најмладите членови на семејството. Знам дека постојат професори кои прават планови и не им излегува есапот како да купат нов стан. Знам дека постојат пензионери кои сакаат, но често не можат на своите внуци да им купат тоа што им треба. Знам дека постојат доктори кои размислуваат како да купат авионска карта во еден правец. Земјоделци на кои секој ден им е налик на претходниот и полни со разочарување чекаат подобри времиња. Знам дека постојат многу работнци кои стравуваат за својата иднина, и многу невработени кои чувствуваат неоправдана вина во себеси дека не успеале. Знам за вашите проблеми. Многу добро ги знам. Сакам да посочам да не ја губите надежта. Заедно ќе успееме. Ова е заедничка битка. Патот напред е тежок и долг. Имаме сојузи да обновиме, енергија да вратиме, насмевки и радост да предизвикаме, проекти, реформи, подобрувања да исполниме.

Реален дека климата може да е сурова, и нема веднаш да се покажат резултатите, Мицкоски е уверен деја ќе стигнеме до тоа ние сите заедно како граѓани, само обединети, без поделби на наши и ваши, без непотребна зајадливост, реваншизми и лоша енергија која само го храни она што ја разјадува државата.

Може ќе има заостанувања, ќе има и луѓе кои нема секогаш да се согласуваат со секоја одлука што ќе ја донесеме, знам дека нема да можеме да го решиме секој проблем, но јас Христијан Мицковски, секогаш ќе бидам искрен со вас за предизвиците со кои се соочуваме. Ќе ве слушам, посебно кога нема да се согласуваме. И над сè, ќе ве поканам да ми се приклучите сите во процесот на обнова на нашата држава, со оваа нова генерација за новата иднина која сите ние заедно ќе ја создаваме. Цигла по цигла, камен по камен, ќе градиме нова иднина. Нашата должност е да обезбедиме луѓето да имаат избор и да се обединиме околу она што ќе биде наша заедничка цел. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.