Сетете се добро како ви велев дека волкот влакното го менува, но карактерот не. Но овој пат е доброто е што е прочитан, и има решение. Решението е зад параванот. Вие таму сте главни, вие и вашата волја, вие и вашите соништа, вие и нашата заедничка иднина. Народот не верува во скапите реклами на власта каде убаво се живее, туку во тоа дека се соочува со апатија и тежок живот. И затоа нам ни треба нова иднина. И ова го правам цврсто верувајќи во она за што се борам. И покрај сѐ, „ние нема да пиеме од горчливоста и омразата за да ја смириме нашата жед за слобода. Нашата борба мораме постојано да ја водиме на нивото на достоинството и дисциплината. Нашата борба не треба да биде само континуитет на идеите и идеалите кои ги црпиме од големите имиња од нашата историја – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање по повод празникот 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба.

Тој нагласи дека енергијата за нивната борба и мотивот за новата иднина е пред сѐ поради тивките, но големи херои кои се покрај нас. Вели покрај нас на тезгите по пазарите, на работниците по скелињата, возачите на камионите, докторите по ординациите, земјоделците на нивните. Денеска од Охрид ги раскажа животните приказни на неколкумина граѓани кои ги сретнал во текот на кампањата за локалните избори:

Малечката Надица, која ја запознав на пазарот во Ново Село пред некој ден продаваше пиперки кои што нејзиниот татко ги има произведено од малото парче земја кое му е наследство од неговиот татко. Таа наместо на училиште беше на тезгата, која за среќа ја грееше есенското сонце, а мразовите сѐ уште не беа присутни. Надица до нејзе, покрај градинарските производи кои им ги нудеше на луѓето имаше и учебник за да повремено прочита нешто додека токму тој ден му помагаше на семејството. Си велам какво само тешко бреме носи ова девојче на нејзините плеќи. Колку само тоа е голема неправда за овој млад човек. Но она што ми дава мотив е што Надица одбрала да се бори со книгата покрај нејзе, и покрај тешката судбина на нејзиното семејство. Кога таа се бори против таква неправда, па ние ли сега да се откажеме. Таа е мојот мотив, мојот херој поради кој верувам во новата иднина.

Пред еден месец го запознав Димитар тука во Охрид, млад човек со силен ентузијазам, но невработен зошто за неговата струка нема место на местата каде се вработуваат роднините, ќерките и синчињата на функционерите од власта. Димитар се образувал, инвестирал во себе, но иднината и сонот му се одземени поради лукративноста, егоизмот на луѓето од власта кои наместо квалитет ценат партиска книшка и роднинска припадност. Но, Димитар не престана да сонува, и овие денови разбрав дека отпатувал во Шведска, каде што нашол пристојна работа. Среќен сум поради Димитар, но тажен поради тоа што губиме уште еден млад човек кој требаше да го задржиме тука. Тој ќе има добра иднина таму некаде во странство, но ние како Македонија губиме млад талент, млад човек.

И на крај кога некој ќе ме праша дали сето ова вреди, овие наши борби, говори укажувања? Ќе кажам кусо, што е нашата жртва за жртвата која ја даваат Димитар и Надица, или такви десетици, стотици, илјадници нечујни херои. Што е нашиот влог да заокружиме зад параванот во името на овие херои и да ја зграбиме шансата која ни е на дофат. Што е нашиот чекор за нивната жртва. Колку ние треба да направиме малку во споредба со тоа колку тие прават многу. Ние тоа им го должиме нив, на тивките херои во оваа наша земја. Затоа размислете добро. 31 октомври е денот кога одлучуваме за иднината, и за тоа дали сакаме да ставиме крај на минатото.
Потребно е само да веруваме, да веруваме, бидејќи Мартин Лутер велеше со оваа вера ќе бидам способен од планината на очајот да издлетам камен на надежта. Со оваа вера ќе бидеме способни да лошите звуци во нашата нација ги измениме во една прекрасна мфонија на братството. Ќе успееме само кога ќе ги редефинираме работите кои како тег не влечеле надоле.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.