Канцеларијата на Народниот правобранител направи анализа за периодот од јануари до август 2021 година за постапувањето на органите по барањата и другите интервенции на Народниот правобранител по претставките за заштита на човековите права. Во посочениот период, до Канцеларијата на Народниот правобранител стигнале 1760 претставки, од кои за 1097 омбудсманот отвори постапки и презеде дејствија или во проценти 62,32 отсто, по што преземени се 1417 дејствија кон органи на државната власт, единици на локална самоуправа, органи и организации со јавни овластувања.
По преземени дејствија, 436 органи и служби доставиле одговор во законски утврдениот рок односно по 30,77 посто од поставените барања. За 865 одговори после рокот или по дополнителни дејствија преземени од наша страна, додека по 116 дејствија воопшто не е одговорено. Во однос на добиените одговори 1062 се целосни и ги содржат бараните информации или 74,95 посто, додека 232 одговори или 16,88 посто се неформални, несуштински.
На денешната конференција по повод 10 декември, Меѓународен ден на човековите права, Народниот правобранител Насер Зибери образложувајќи го Извештајот од спроведената анализа, истакна дека со дел од институциите нема доволно соработка и апелираше до овластените органи да вршат влијание врз овие институции во иднина да се подобри соработката со Народниот правобранител, да даваат навремени и суштински одговори во законски увтрдени рокови.
– Министерствата за здравство, за транспорт и врски, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, МВР поготово Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги, Управниот, Врховниот суд, Основниот граѓански суд Скопје, Јавното обвинителство на Република Македонија, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ОЈО Охрид, Кичево и генералниот секретаријат на Владата, Управата за водење матични книги, Државниот завод за статистика, Град Скопје, општините Берово, Кочани, Тетово, Битола, неколку јавни претпријатија комунални и државни се органи кои или соработуваат со постојано наше инсистирање или воопшто не одговараат по интервенциите на народниот правобранител, а најчесто доставуваат формални одговори кои не овозможуваат ефикасна заштита на правата на граѓаните, рече Зибери.
Од друга страна, како што посочи тој, од анализата може да се констатира дека Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Фондот за здравство и подрачните служби на ПИОМ, Јавните здравствени установи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, меѓуопштинските центри за социјална работа, Заводот за социјални дејности, МОН, навремено одгвориле или доставуваат одговори со мали пречекорување на роковите, но одговорите се целосни и суштински. Во оваа група спаѓаат и Државниот пазарен инспекторат, најголем број од средните и основните училишта, Агенција за вработување, националните установи, извршителите, нотарите, Адвокатската комора, основните судови, Комисијата за прекршоци, Комисијата за денационализација, ОЈО Велес, Битола, Куманово, Прилеп, Кавадарци, МРТВ, ЕВН, БЕГ, Регулаторна комисија.
– Неминовна е потребата, неоходна е соработката за да можеме да го подобриме квалитетот на заштита на човековите слободи и права, нагласи Зибери.
Правосудството, како што нагласи Зибери, е област која традиционално е на врвот на листата на поднесени претставки од граѓаните. Во периодот кој беше предмет на оспервација на анализата Народниот правобранител евидентирал дека се примени вкупно 300 претставки, најголем број од овие претставки се однесуваат на работата на судовите и тоа вкупно 49 претставки, потоа извршителите со 31 претставка. Од добиените одговори од органите 99 се суштински и целосни, додека 14 се формални.
– Како заклучок на тоа е дека одговори во законски утврдениот рок доставуваат апелационите судови во Скопје, и Гостивар, извршителите, нотарите, адвокатската комора, основните судови, Министерството за правда, комисиите за прекршоци при МВР, Апелациониот суд Битола генерално соработуваат коректно со Народниот правобранител и доставуваат суштински и целосни одговори иако најчесто по изминатиот законски утврден рок. Додека, Управниот суд, Врховниот суд, доставуваат само формални одговори и тоа по упатени неколку ургенции, рече Зибери.
Втора област каде е голем бројот на претставки се потрошувачките права и во дадениот период се примени 163 претставки, за 120 од нив се преземени вкупно 140 дејствија. По овие дејствија само од 15 органи е доставен одговор во дадениот рок, а сите други се доставени после рокот или по упатена ургенција. Од добиените одговори 98 се суштински, а 24 се повеќе формални.
– НП нотира добра соработка со ЕВН Македонија, одговорите доставени од овој оператор се добиваат со задоцнување од определниот рок, но се суштионски и секогаш содржат потребни информации по кои постапува НП. Суштински се и одговорите на Државниот пазарен инспекторат, БЕГ, Регулаторна комисија за енергетика и други, иако не се доставени во законски предвидениот рок. За разлика од нив, незадоволна е соработката со ЈКП Тетово, која не доставува одговори во определниот законски рок или одговорите се нецелосни и несуштински. Соработката со операторот ЈП Водовод и канализација Скопје иако е добро недостасуваат често доволно елементи и во предметите каде се бара преземање мерки по дадените укажувања.
Во областа работни односи примени се 146 претставки, при што преземени 72 дејствија. Од доставените одговори 74 се суштински, а формални шест одговори. Во оваа област, соработката со државните органи е добра со исклучок, како Државниот универзитет Тетово и ЈСП Скопје. Дел од органите придонесуваат за одложување на постапката по предметите со доставување формални одговори, како што се Министерството за транспорт и врски, Министерството за труд и социјална политика, Јавните установи меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, МВР и Владата.
За правата на детето се примени 153 претставки, се постапувало по 129 од нив, а преземени се 233 првични дејствија. Од вкупно 179 одговори, 154 се суштински со доставување на целосни одговори, а 25 се нецелосни и формални. Народниот правобранител нотира добра соработка со меѓуопштинските центри за социјална работа, Заводот за социјални дејности, инспекциските органи при МТСП, Државниот просветен инспекторат кој секогаш во одговорите се и темелни и суштински. За разлика од нив, МОН, МТСП, МЗ, Управата за водење матични книги постапуваат нецелосно, повеќе формално или не доставуваат одговори.
Најави дека од следната година Народниот правобранител два пати годишно ќе прави вакви анализи, а податоците ќе ги објавува во јавноста со цел граѓаните да имаат увид која од институциите соработува, а која не.
Имено, во анализата е опфатено постапување по предмети примени во канцеларијата во Скопје, но и во подрачните канцеларии на Народниот правобранител во Битола, Куманово, Кичево, Струмица, Тетово и Штип, опфатен е бројот на претставки, рокот во кој е одговорено од страна на органите, дали одговорите се доставуваат во законски утврдениот рок, после рокот, или пак воопшто не одговараат, и следствено какви дејствија се преземени од страна на Народниот правобранител да се промени ваквото дејствување. Анализата го опфаќа и квалитетот на добиените одговори – дали одговорите се суштинскии, целосно образложени и врз основа на тоа дали се овозможува ефикасна заштита на правата на граѓаните и непречено постапување на народниот правобранител или се одговори формални, нецелосни. Во анализата се претставени и дејствијата кои се преземени во случај на констатирани повреди на правата на граѓаните, но и соработката со органите.
Ерик Мејер, вршител на должност Амбасадор на САД во Република Македонија рече дека човековите права се една од клучните компонентни на Самитот на претседателот Бајден Иницијатива за демократија, покрај тоа фокус е и борбата против корупцијата и авторитарните режими.
– Тоа се едни од основните вредности на САД, и се проткаени во се што правиме во Стејт департментот и во нашата меѓународна дипломатија. Човековите права се основата врз која се гради демократијата и тие се клучната врска со она што ја прави една држава голема. Слобода на изразување, права на работниците, национална безбедност и уште многу повеќе, рече Мејер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.