Оваа година нема да има новогодишно украсување во Куманово, а тие средства ќе бидат пренаменети во општинскиот буџет за набавка на опрема за следење онлајн настава и за набавка на опрема за изведување на онлајн настава.
За оваа година планиравме да одвоиме два милиони денари, меѓутоа во договор со градоначалникот и согласно потребите на дел од учениците кои се од ранливи категории семејства, средствата преку ребаланс на буџетот се пренаменија за оваа цел – изјави Фадиљ Шабани, директор на јавното претпријатие „Куманово Паркинг“ преку кое изминативе години се спроведуваше набавката за избор на компании за новогодишно украсување.
Како што појаснија надлежните од секторот за финансии од градската власт, општина Куманово одвојува вкупно 3,5 милиони денари за набавка на опрема на учениците за следење на онлајн настава, набавка на паметни табли, потребни за училиштата за изведување на наставата во услови на пандемија.
Средствата се обезбедени преку пренамена од различни ставки, меѓу нив од настани предвидени за манифестации, како што се огномет, концерти, но и средства кои претходно општината ги одвојуваше за „Порака Наша“, здружение кое не работеше од март, па сè до ноември годинава.
Дел од средствата се пренаменети и од ставка за вработувања, кои не се реализирале поради ковид кризата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.