Владата на денешната 63-та седница во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19 заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.
Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.
Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.
Во врска со оваа точка, Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.