Купувал кокаин или купувал масло од канабис?! Остана дилемата околу телефонската нарачка на пратеникот Павле Богоевски. Институциите се занимаваат околу тоа кој е тој што го снимил Павле додека разговара? Кој е таксистот? Дали е таксист е друг муабет, а се чини штом Павле рече таксист е, мора да се верува. Павле не е било кој…
Токму така. Павле не е било кој. Тој е пратеник, претставник на граѓаните. Човек кој треба да служи за пример… Човек кој треба да се бори законите во оваа земја да важат подеднакво за сите… Дали тоа Павле успеа да го покаже?!
Павле е човек кој треба да се бори за правата на граѓаните. Да биде гласноговорник на гласот на народот, на потребите на граѓаните. Да се бори за нив… Дали?!
Во Македонија во аптека може да се купи масло од канабис. Она што е достапно за секој граѓанин. Секој законски може да оди и да го набави. Без тајни разговори, случајни снимки, непријатни ситуации, признавања, самопријавување, емотивни приказни… Ама Павле Богоевски одлучи да игра на друга карта. Да набави масло на нелегален начин. Пак ќе кажеме – барем тој тврди дека е масло…

Во овој разговор не нарачувам кокаин. Договарам набавка на масло од канабис. За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис и’ помогна таму каде другите лекови не можеа да и’ помогнат. Тоа го правам веќе неколку месеци и ќе го правам се’ додека е потребно. Немам никаква намера да се правам светец, ниту да глумам дека сум изненаден зошто мојот политички противник одбра токму вака да ме нападне. Ама немам намера ниту да се правдам за мојот приватен живот – рече Павле…
Е сега драг Павле. Никому не му е мило што на твоја драга личност и е потребно масло од канабис, како што велиш. Дај боже маслото да помогне ако е до маслото. Но драг Павле, зошто ти имаш привилегии?! Зошто ти можеш нелегално да набавиш масло од канабис, наместо да купиш од аптека и притоа за тебе да не се смета за кривично дело кривичното дело што го правиш? Побогу Павле, зошто твојот дилер е привилигиран, а за ситна тревка луѓе гнијат по затворите?! Ќе кажеш ти отиде се пријави сам, се понуди на тест, институциите се тие кои треба да одлучат. Оние институции кои ти со твоите револуционери ги боевте затоа што биле политизирани. Сега кога Павле дојде ти, дојде и животот… Ама не за сите, туку за тебе. Кој признава половина му се простува. Така вели народната. Но кај тебе Павле не е така. Кај тебе важи „кога Павле признава, се му се простува“.

Дека маслото од канабис во аптеките не било со задоволителен квалитет се збори на големо. Сите кои купуваат зборуваат за тоа. Веројатно и ти Павле си го сфатил тоа кога си почнал да го набавуваш за својата блиска личност. Си набавувал веќе неколку месеци. Е зошто бе Павле еднаш не застана на говорница да кажеш дека вака не бива. Дека обичниот смртник фрла пари во аптека за нешто што не вреди?! Зошто дозволуваш обичниот смртник да фрла грдни пари надевајќи се на спас за маката која ја има, кога веќе знаеш дека тоа што го купува е еднакво на отпад?! Зошто еднаш не застана на говорница и не кажа да биде ова крај на тој бизнис. Да се забрани на пример продажбата на безвредното масло додека не се најде подобар и поквалитетен лек за граѓаните?! Зборуваш Павле на разни трибини за легализација на марихуаната за економскиот бенефит на земјата. Да, да, тој економски бенефит најдобро го знаат оние кои се затрчаат по тој бизнис и оние кои доделија лиценци. Како се доделени знаат тие… Знаат и некои други, ама мора да молчат… Бар додека да стигнат доказите. Но Павле, каде е бенефитот за граѓаните, каде е правдата за сите, каде е животот што требаше да дојде. Или кога боеше институции сакаше да кажеш Живот за Павле! Еднаш не застана да каже доста е, доста му ги земате парите на народот. Ако е масло од канабис лек, нека биде лек. Не течност која има ефект еднаков на оној од бабите што бајат.

И ти додека молчиш, додека премиерот те фали и не се интересира за приватниот живот и те поддржува за нелегалната набавка, ние ќе се надеваме дека ова прашање ќе го пренеш на повисоко ниво. Зошто за ова народот зборува долго… А ти како нивни претставник требаше тоа одамна да го покренеш за да се донесе решение. А ти? Ти реши да си гледаш за себе. А народот… народот за вас е стока, тоа и твоите јавно го кажапе.
И да, приватниот живот не треба да не интересира. Но арно ви беше кога урлавте на разговорите додека се уништуваа бракови, семејства и пријателства. Фаќавте сиер за приватните разговори на луѓе.

Во оваа „БОМБА“ нема договарање на милионски криминали. Нема заговарање за уништување животи. Нема местење избори. Нема ендеци и запалени кафани. Има наводи за мојот приватен живот, кои (во овој случај) се извадени од контекст – напиша Павле во своја одбрана.
Расчистени милионски криминали не видовме. За ендеците ве демантираа. Заговарања за уништување животи?! На кои животи мислиш Павле?! На оние кои им фаќавте сеир додека пуштавте разговори од нелегални прислушкувања?! Доста е веќе со тоа – ама што правеше ВМРО. Се додека во државата е изговор што правеле претходниците нема да мрднеме напред. Може само да одиме назад. А времето Павле ви летна. Се дојде, само животот не дојде. Изгледа Заев го смете!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.