По добиеното вето од Бугарија за почеток на преговори на Македонија со Европската унија, премиерот Зоран Заев на вчерашната прес конференција најави европеизација на Македонија. Но, дали Македонија може вистински да се европеизира со сите скандали кои се случија во текот на изминатиот период?
Дома продолжуваме по европскиот пат, европеизацијата на државата нема да застане, дел од овие наши идни активности се и Акција 21, односно десетте приоритети, кои не се поврзани со поглавјата и можеме да почнеме буквално од самиот почеток на годината – кажа Заев на вчерашната прес конференција.
Досега од европеизација ја видовме само буквата „Е“ синоним за скандалот и видео снимката каде премиерот Заев бараше “евро за Вицето, евро за црквата“. Македонија со скандали криминал, корупција, без право и правда не може да се европеизира.
Во изминатиот период кај функционерите на Заев не само што постои судир на интереси туку тие се и со по две јавни и неспосиви функции најмалку. По потреба Градоначалникот на Штип гласа како пратеник за кворум на Буџетот за 2021година.
Речиси секој функционер во Владата на СДСМ е со низа скандали. СДСМ не успева ниту в.д директор да постави без скандал или без тоа да се коси со закон, што потвдува и ДКСК.
Владата го назначила новиот в.д. директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски без претходно да го разреши од позицијата член на Управен одбор, во текот на вчерашниот ден потврди Државната комисија за спречување на корупција.
Утврдивме дека новиот директор на Агенцијата за филм бил назначен без претходно да биде разрешен од функцијата член на Управниот одбор на истата институциија. Ова значи дека има акумулација на функции, што е спротивно на законот – изјави за Фокус, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Судир на интереси имаше и кај назначувањето на директор на МЕПСО.
Kуштрим Рамадани стана директор на МЕПСО, а ДКСК вели дека има судир на интереси. И покрај мислењето на Државната комисија за спречување на корупцијата дека Куштрим Рамадани не може да биде избран за генерален директор на државната компанија МЕПСО, Владата без никаков проблем тоа го одлучи. А ставот за тоа дали како член на Регулаторна комисија за енергетика Рамадани може да биде именуван за генерален директор на МЕПСО од ДКСК го иницирале токму од Владата, поточно лично премиерот Заев.
Министерот за антикорупција Љупчо Николовски не може да расчисти со непотизмот. Николовски си го вработил братучедот во МНАВ за плата од 100.000 денари.
Министерот за спречување на корупција, Љупчо Николовски, го вработил својот братучед во МНАВ, каде што работи и неговиот чичко, објави „Нетпрес“. За вработувањето на братучедот Стефан Николоски не било пречка што таму работи неговиот татко, а неговиот братучед е министер во Владата. Според информации на „Нетпрес“ вработувањето било извршено од втор обид затоа што Стефан не ги исполнувал условите. Подоцна биле променети условите на конкурсот за Стефан да се вработи во МНАВ.
Се поставува прашањето колку Македонија може да се европеизира со вакви случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.