Независниот академски синдикат (НАкС) со соопштение ја изрази својата поддршка кон напорите на Универзитетското студентско собрание при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ за обезбедување законски, објективен и транспарентен процес на избор на студентски претставник во Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност од страна на Интеруниверзитетската конференција.
Според информациите изнесени во јавноста од страна на претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” (УСС УКИМ), Борјан Ефтимов, сметаме дека постапката при изборот на студентскиот претставник во ова тело, кое е клучно за регулирање на работењето и квалитетот на високото образование и за правата на судентите, е само уште еден „логичен“ и очекуван чин во континуираното изигрување на Законот за високо образование (ЗВО) од страна на претседателот на Интеруниверзитетската конференција ‒ ректорот на УКИМ и неговите соработници. Потсетуваме дека НАкС во изминатите две години неколку пати реагираше до тогашниот министер за образование и наука (МОН), г-н Арбер Адеми, до надлежните институции и до јавноста за итно преиспитување на конституирањето на Интеруниверзитетската конференција и ништовност на нејзините акти, а особено за изигрувањето на постапката за избор на членови на Националниот совет од редот на професорите. Укажувањата на НАкС наидоа на институционална реакција единствено од страна на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), но за жал, другите надлежни институции не преземаа ништо за да ги спречат неправилностите во работењето на Интеруниверзитетската конференција и нејзиниот претседател. Ваквите постапки претставуваат манипулација со уставно загарантираната автономија на високото образование, а инертноста на надлежните институции овозможува судбината и развојот на целокупното високо образование и наука во нашата држава да бидат во рацете на една мала интересовна група, на што, со право, реагираат студентите. НАкС бара да престане практиката на објавување Конкурси што не се во духот на ЗВО и се спротивни на сите залагања и на Професорскиот пленум (ПП) и на Студентскиот пленум (СП), како и на НАкС и на УСС УКИМ за едно поавтономно и потранспарентно делување на високо-образовните институции.
Претседателот на Интеруниверзитетската конференција проф. д-р Никола Јанкуловски, како и членовите на Интеруниверзитетската конференција кои не преземале ништо ова да се спречи, забораваат дека ние сме тука за студентите, а не обратното. Многу е опасно да се манипулира со својата фела, но уште поопасно е тоа да се прави со студентите и нивните права. Затоа, очекуваме дека овој пат надлежните институции нема да замижат и дека ќе застанат во одбрана на духот на ЗВО, како што, впрочем, тоа требаше да го направат и до сега. Студентите ја имаат нашата целосна поддршка во остварување на своите права.
Vivat academia!, стои во соопштението на Независниот академски синдикат (НАкС).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.