Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, со соопштение ја информира јавноста дека во МВР во негово време не стигнал софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци.
Во периодот додека ја извршував функцијата министер за внатрешни работи во ниту еден момент не бев информиран дека Генералниот секретеријат на Владата извршил набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, ниту пак е побарано од МВР спецификација за набавка на ваков софтвер, проблематика која е единствено во делокругот на надлежности на МВР, а не на други институции. Никаков софтвер не е примен во МВР во периодот додека бев министер. Уште повеќе, никогаш на Влада или на било каква владина работна група не е дискутирано или имало било каква координација за законски промени со цел примена на наведениот софтвер, пишува Чулев.
Тој нагласува дека ниту тогашниот премиер ниту генералниот секретар го информирале дека ваков софтвер е набавен.
Не ми е јасно зошто Генералниот секретеријат спровел набавка на вакво софтверско решение, со оглед дека Министерството за внатрешни работи, раководено од тогашниот министер, Оливер Спасовски, во истиот период спроведува постапка за набавка на хардверско и софтверско надградување на проектот “Безбеден град”, кое вклучува и софтвер за сообраќајни прекршоци, посебно ако се има предвид дека производителот и одржувач на “Безбеден град” со кој МВР има склучен договор, не дозволува инкорпорирање на надворешни софтверски решенија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.