Над 500 илјади граѓани се попишани во првите девет дена од Пописот на населението и објектите 2021.

Додека Државниот завод за статистика, оценува дека попишувањето продолжува со посакуваниот интензитет и темпо, премиерот Зоран Заев очекува тој успешно да заврши до 30 септември.

Пописот 2021 е на третина од предвидените 26 дена пописни активности и се одвива добро, со исклучок на привремените технички проблеми на почетокот, кои беа надминати со апдејт на софтверот.

Најголем дел од попишаните 500 илјади граѓани се во неделите на 12 септември – 111 186 лица и на 5 септември – 94.975 лица.

Премиерот Зоран Заев, вчера упати благодарност до граѓаните кои ја препознаваат важноста од успешно спроведување на пописот и учествуваат со масовен одзив.

Очекувам пописот да продолжи со предвидената динамика и сите активности успешно да се завршат до 30 септември. Продолжуваме заедно, до успешен #Попис2021, објави Заев на Фејсбук.

Државниот завод за статистика, вчера информира дека попишувањето продолжува со посакуваниот интензитет и темпо и дека заклучно до 18:00 часот, попишани се 502.000 лица.

Можноста за самопопишување на лица во странство, заклучно со вчера ја искористиле – 192.538 лица.

ДЗС истакнува дека за сите дилеми и нејаснотии кои ги имаат во врска со процесот на попишување, граѓаните можат да се обратат во Бирото за Попис, на телефонските броеви кои се објавени на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.