Петмината кандидати кои влегоа во трката за избор на градоначалник на Штип од денеска ја почнуваат кампањата на терен. Тврдат дека митинзи и собири по населбите нема да имаат, но ќе делат флаери на дистанца. Промоцијата на нивните програми и кои ќе им бидат приоритети ќе ја прават и преку медиумите, социјалните мрежи, билборди…

Кандидати за градоначалник се Симон Поликарп од Интегра-Македонска кознервативна партија, Сашко Николов од СДСМ, Трајче Митев независен кандидат, Гоце Ангелов од коалицијата „Иднината во наши раце“ и Лазар Наумов од партијата ТМРО.

Изборната кампања почнува од денеска, а ќе трае до 10 декември. Формирани се пет лекарски избирачки одбори за Штип, ковид болните и оние кои имале контакт со нив ќе гласаат на 11, болните и изнемоштени и осудените лица на 12, а на 13 декември е првиот изборен круг. Гласачките места ќе се отворат во 7, а ќе се затворат во 19 часот.

Во Штип има вкупно 77 избирачки места, а бројот на гласачите ќе се знае со добивање на доверливиот материјал. Ковид болните и изолираните за гласање ќе се пријавуваат по електронски пат, додека болните и изнемоштени лица рокот за доставување на документацијата им е до 5 декември.

Од најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ, кои поради алармантната состојба со коронавирусот одбија да учествуваат на изборите, велат дека иако од власта прогласија кризна состојба која ќе трае 30 дена, премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче ќе тераат избори во Штип и Пласница. А само во Штип за последното денононоќие има 32 нови случаи на корона вирус, потенцираат.

Што направија Филипче и Заев? Закопаа 1426 граѓани од почеток на кризата, наместо живот спремаат избори во кризна состојба, подготвуваат корона кланица.

Филипче ја стави Македонија на врвот на регионалната листа по починати лица од корона вирусот.

Филипче ја стави Македонија на загрижувачко трето место од 22 земји од европскиот континент во процентот на смртни случаи од бројот на заразени граѓани.

Последнава недела во земјава умирал по еден човек на секој саат време.

Време е за одговорност, починатите не се само бројка, тоа се мајки, татковци, браќа, сестри…

Филипче, оставка веднаш!, порачаа утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Бројот на активни случаи во Македонија првпат е над 20 илјади случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.