Националната агенција за европски образовни програми и мобилност реагира на прес конференцијата на Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ на која беше објавено дека со милиони евра од Европските фондови Лидија Димова поткупувала невладини организации и луѓе од судството.
Прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ беше несериозен обид да се минира успехот на Владата во пресрет на Советот на ЕУ од каде што Република Македонија очекува датум за почеток на претпристапни преговори, се вели во реакцијата на Националната агенција.
Според нив, најавата на Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, за наводна злоупотреба на 3 милиони евра од европските фондови преку ноќ се претвори во 170.000 евра.
Во врска со 4 организации кои наводно на сомнителен и нетранспарентен начин добиле грантови од Националната агенција, сакаме да ве информираме дека посочените организации се корисници на програмата Еразмус+ уште од 2013 година, односно од самиот почеток на програмата, кога Лидија Димова не беше директорка на агенцијата.
Во однос на маил комуникацијата преку која наводно се барале проценти за доделување на проекти, ја повикаме ВМРО-ДПМНЕ да ја достави истата до сите релеватни институции во Република Македонија, вклучувајќи ја и Националната агенција, како би можеле да преземеме соодветни активности согласно нашите правилници за работа.
За нападите од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека наводно Националната агенција доделила 6 милиони денари за себепромоција на Лидија Димова, ве информираме дека Националната агенција има обврска да ја промовира програмата Еразмус+ како и другите мрежи и иницијативи преку одржување на обуки, конференции, работилници и настани од сличен карактер, пишува во реакцијата.
Според Националната агенција, денешната прес-конференција покажала дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не ја познава суштината на програмата Еразмус+.
Како Национална агенција се обврзуваме да ги поканиме ВМРО-ДПМНЕ на следната обука за програмата Еразмус+ како би им се разјасниле процедурите и правилата на програмата за во иднина да не излегуваат со вакви смешни прес-конференции. Се разбира, Националната агенција е и натаму отворена за сите медиуми доколку истите сакаат да направат сериозно истражување на тема „транспарентно користење на средствата од програмата Еразмус+, се вели во реакцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.